X
 16.09.2024 Наша тема

СТУДЕНТСКИ МЕМОАРИ: Данка Јанковска (74), прва водителка во најстарото локално радио во Македонија, завршила Филолошки во 1972: „Бевме една барака - една фамилија“

Нема животна мудрост што не сме ја научиле во скутот на баба и дедо. Секоја поговорка, убав збор и приказна првпат сме ги чуле од нив. Факултети.мк преку рубриката „Студентски мемоари“ реши да ја вклучи временската машина за да дознаеме како се образовале тие. Се враќаме назад во времето. Се враќаме во младоста на бабите и дедовците.

Најстарата локална радиостаница во Македонија, Радио Битола, чија програма се слушаше дури до Титовиот брод „Галеб“ на Јадранското Море, не работи веќе 15 години. Некогашната прва жена новинар и водител на радиопрограма - Данка Јанковска (74) веќе 12 години е во пензија. Но, некогашните слушатели сѐ уште ја застануваат по улица за да ѝ кажат колку им недостига нејзиниот глас. 

Секогаш професионална, посветена на новинарството, со нејзиниот препознатлив глас, литературен говор со чиста дикција и правилно акцентирање, остана пример за радионовинарството и водителството. Дури и во пензионерските денови не се откажа од својата професија. Дава неделни извештаи за австралиско радио на македонски јазик, секој ден ги купува дневните весници кои сѐ уште излегуваат, следи портали, телевизии, радио, како да е уште на работа.



Тргнала да го следи талентот

Завршила Филолошки факултет на УКИМ во Скопје, во 1972 година, на насоката Југословенска книжевност и македонски јазик. Изборот на професијата некако ѝ бил судбински предодреден ако се знае дека од мала објавувала раскази во „Нова Македонија“, многу читала, некогаш и по цели ноќи, учествувала во литературни секции и многу слушала радио. Ја интересирале и археологијата и медицината. Но, кога дошло време да се направи избор на студии, семејниот пријател на нејзините родители, лекарот Јане Димулковски, ја советувал да си го следи талентот. На нејзиниот избор не се спротивставил ни нејзиниот татко Тоде Ивановски, големиот македонски ликовен уметник и партизан, чии илустрации за НОБ ги красеа учебниците и лектирите.



Ѝ предавале големите книжевници Конески, Тодоровски, Поленаковиќ, Митрев, Спасов

Јанковска имала среќа на факултет да ѝ предаваат врвни лингвисти и книжевници, почнувајќи од кодификаторот на македонскиот литературен јазик Блаже Конески, поетот, преведувач, есеист Гане Тодоровски, писателот Илија Петрушевски, македонистката и лексиколог Оливера Јашар- Настева, еден од основоположниците на историјата на македонскиот јазик - Харалампие Поленаковиќ, книжевниот критичар Димитар Митрев, книжевникот Александар Спасов, професорката по словенечки јазик Бистрица Миркуловски и многу други докажани професори.

- Кога Конески предаваше во амфитеатар, цела сала беше полна. Сите претворени во уво. Го слушавме со големо внимание. Мува да поминеше, ќе се слушнеше. Беше многу однослив со студентите, не беше строг. Многу ги ценевме професорите, за нас беа величина. Им се обраќавме со почит. А тие секогаш прифаќаа дополнително да ни објаснат што не е јасно, да разговараат на тема што ќе ја отворевме - се присетува Јанковска.



Вели дека ги учеле литературно да се изразуваат, зборовите да бидат точно кажани, правилно акцентирани.

- Ова што се случува денес е катастрофа. Кога и да слушнам на телевизија како нелитературно говорат, ми доаѓа да им ѕвонам и да им речам како може вака да се изразувате? Ретки се тие што литературно се изразуваат. Честопати водителите зборуваат на скопски дијалект. Ние на факултет бевме многу студенти, не како сега што нема интерес. А многу е важно да имаме квалитетни кадри што ќе го предаваат македонскиот јазик, ќе влијаат врз децата од мали да го говорат како што треба и да се применува во институции и во медиуми правилно и пишаниот и кажаниот збор - вели Јанковска.



Во бараките во „Стив Наумов“ живееле како едно големо семејство

Студентските денови ѝ биле најубавите во младоста. Не плаќале за уписи, државата им овозможувала да престојуваат во студентски домови за многу мал износ, а домовите биле со сите потребни услови. Се сеќава дека со цимерите живееле како големо семејство.

- Имаше студенти од цела Македонија, живеевме во студентскиот дом „Стив Наумов“. Блиску ми беше и факултетот. Условите во домот ни беа убави, за тоа време сосема нормални услови, не баравме луксуз, чисто беше. Бевме во бараки. Имавме менза и сите таму се храневме, никој не се двоеше да оди по хотели да јаде или на друго место. Сите живеевме како една фамилија, една барака - една фамилија. Кафето ни беше церемонија, секое утро го пиевме сите заедно - вели Јанковска.



До денес одржува контакти со поранешните цимерки како да ѝ се сестри. Ги споменува Стојанка од делчевската гимназија, која неодамна починала, Нада Иванова, која работела во Бирото за развој на образованието, Македонка од Свети Николе и други колешки од Струмица и Берово.

Остави траен белег во македонското радио

По завршувањето на факултетот се пријавила за новинарка во „Радио Битола“ и без проблеми го добила работното место. Била првата жена новинар и водител во редакцијата која ја сочинувале мажи. Во тоа време новинарството претежно било машка професија. Но, Данка раскажува дека одлично била прифатена од колегите и никогаш не се соочила со дискриминација.



- Отсекогаш радиото ми беше љубов. Од мала седев, особено во недела, доближена до радиото и слушав сѐ - од политика до спорт. А бев зависник и од весници. Кога бевме мали. татко ми си доаѓаше дома носејќи весник под рака. Ние со брат ми се боревме кој попрв да го земе за да го разгледа и прочита - вели Данка.

Во Радио Битола, Јанковска водеше вести, емисии, подготвуваше прилози, интервјуа, а извесен период беше и директорка на медиумот. Како редакција, први почнаа со контактната емисија со слушателите наречена „Средби во понеделник“, дури и пред Радио Скопје да креира таков вид програма. Контактната емисија ја започна Менде Петковски, а продолжи да ја води Јанковска.



- Граѓаните се јавуваа и си ги кажуваа маките, дека немаат вода, струја и слично. И другиот ден ги баравме надлежните за да испитаме што е работата. Беше многу корисно зашто властите реагираа во решавањето на проблемите. Сите врати ни беа отворени. Нѐ примаа кај директорите, ни даваа изјави без проблем, правевме анкети со вработени. Сега кај можеш во приватна фирма да влезеш да правиш анкета. Секој ден бевме на терен - додава таа.

Еднаш новинар, цел живот новинар

Веќе 12 години е во пензија, но секоја недела дава извештај од 20 минути за случувањата во Македонија на радиото „Македонски појадок“ во Австралија. Ја запознава тамошната македонска дијаспора со случувањата од татковината, почнувајќи од политика до култура. Главниот принцип на работа ѝ се објективноста и непристрасноста, да остави тамошните слушатели да изградат свое мислење за случувањата, а не да им наметнува свој став. И слушателите го препознаваат тоа, па ѝ се случува, поради временската зона, и на полноќ да ја побараат да ѝ се заблагодарат што им е вистински прозорец кон татковината.



Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема