X
 28.03.2020 Живот

Ракции по државниот карантин во центарот на Битола, Владата смирува

Владата и Општината децидни - државните карантини се безбедни и строго контролирани

„Маврово, Попова Шапка, малку хотели имавте? Моравте тука да ги донесете? Битола беше единствен чист град од коронавирус, мораше и овој да го загадите. Завршена работа, од еден стануваат пет! Битола отсекогаш бил космополитски град, но ова е премногу! Не моравте во центар да ги донесете, срамота!“. Ова се само дел од бурните синоќешни реакции на битолчани откако два автобуса со Македонци пристигнати од Малта ги транспортираа во хотел во центарот на Битола да го поминат задолжителниот државен карантин кој трае 14 дена.

Архива на Општина Битола

Имаше и спротивни реакции, поддршка и солидарност, неверување од екстремните реакции на сограѓаните. „Зошто толку себичност, тоа се наши сограѓани, замислете да бевте на нивно место. Од каде олку злоба“?

Владата и Општина Битола утрово реагираа и ги смируваа битолчани и сите останати граѓани во чија близина се сместуваат Македонците кои поради коронавирусот мора да поминат две недели во целосна излолација.

- Државните карантини се безбедни и строго контролирани, нашите државјани сместени таму не се закана за никого. Бидете уверени дека сите мерки за прифаќање на нашите државјани кои се најдоа во странски земји се по највисоки здравствени стандарди. Граѓаните сместени во државните карантински објекти не се закана за никого, а објектите ги обезбедуваат полицијата и војската. Ниту еден граѓанин сместен во државен карантин во периодот од 14 дена не смее да ја напушти сопствената соба, ниту објектот, а секој кат од секој сместувачки објект е строго контролиран и обезбеден од војската и полицијата. За секој од нив е направена епидемиолошка анкета и определен е соодветен режим во карантинскиот објект кој е целосно безбеден и строго контролиран и надгледуван. Нема ниту најмал простор за загриженост, а најмалку за паника, обезбедени се највисоки здравствени стандарди и протоколи – велат од Владата.

Во моментот обезбедени се 2.104 легла во целата држава, во 19 сместувачки објекти, а од нив пополнети до сега се 1082 легла. Сите мерки за утврдување на локацијата и објектите за карантин се направени во согласност со препораките на Светската здравствена организација и врз сериозни и стручни анализи и проценки.

Фото: Општина Битола

Со соопштение се огласи и Општина Битола. И тие потенцираат дека пристигнатите лица се сместуваат во контролирана изолација, со полициски надзор, а претходно прегледани од доктори.

- Никој од нив не претставува опасност за градот. Тие же бидат 24 часа надгледувани. Сите имаме право да бидеме уплашени, но не да ги напаѓаме оние кои можеби се и недолжни, затоа што сакаат да се вратат дома. Најголем дел од нив се наши деца. Нека ги поминат во мир овие две недели, а не уште повеќе да им ја отежнуваме состојбата. Мора да преовладува разумот, состојбата на човечност, колективност каков што секогаш сме го имале. Останете во своите домови со вашите семејства и оставете на професионалците да си ја завршат својата обврска. Само заедно ќе излеземе посилни од оваа глобална светска криза - апелираат од Општината.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот