X
 16.10.2018 Економија

Тешко е да се градат паметни компании со глупави влади

Постојат паметни компании и глупави компании. Паметните компании гледаат кон иднината за да видат што мора да произведат. Ги гледаат своите врвни конкуренти за да ги видат најдобрите практики, а потоа да се обидат да ги подобрат. Тие ги отфрлаат неуспешните практики и усвојуваат нови кои изгледаат ветувачки. Глупавите компании не сфаќаат дека се глупави. Тие работат лошо, но ја обвинуваат нечесната пазарна конкуренција. Не бараат подобра практика, ги слават дневните успеси и го прават она што отсекогаш го работеле и повторно губат.

Исто така, постојат паметни влади и глупави влади. Паметните влади го работат она што го работат паметните компании. Горди се на минатото, но гледаат кон иднината. Ги следат своите конкуренти и се обидуваат да бидат подобри. Ги задржуваат своите најуспешни практики и се обидуваат да ги подобрат. Ги отстрануваат практиките што не се успешни. Стануваат магнети за вложување, нови технологии, светски талент и раст. Глупавите земји мислат дека нивното минато е нивна сегашност и нивна иднина. Тие се навикнати да губат на светската сцена, но исто така се навикнати и да ги лажат своите граѓани за тоа.

Не се грижат за нивните практики и се прпелкаат во својата просечност. Не знаат како да привлечат инвестиции, да ги негуваат талентите или да развиваат нови технологии. Тие губат, а потоа прават сè што правеле претходно и повторно губат, а потоа сè од почеток.

На пат сум кон дома во Хрватска, од Германија. Изминатите шест дена ги минавме во обиколка на индустрискиот центар околу Диселдорф во рамките на натпреварот „Стартап Германија 2018“, кој ги постави најдобрите светски стартап-компании едни спроти други и спроти нивните германски колеги. Не само што се приближивме до некои од најголемите светски компании - компании кои сега се заинтересирани за нашите производи - туку исто така освоивме и нова титула - најдобар стартап за мобилност и логистика.

Второто место исто така го освои хрватска компанија. Малата Хрватска зазеде две врвни места во многу конкурентна околина на многу паметни компании.

Германската стопанска комора, локалните инвеститори и компании нè поттикнуваат да ја преселиме нашата компанија во Германија. Ни нудат прекрасни простории за канцеларии и производство, инвестиции и корпоративни партнерства. Тоа ме натера да верувам дека можеме да го освоиме светот. Тоа е она што го чувствувате кога работите во околина каде што владеат паметни влади.

Тогаш тргнав кон дома. Откако ги добивме пофалбите од паметните компании и паметната влада во Германија, читаме дека нашата влада назад дома штотуку предложила зголемување на данокот на доход од опциски акции и добила целосна поддршка од некои од нашите најистакнати синдикати. Нашите влади и нивните партнери во синдикатите никогаш не создале конкурентска компанија, никогаш не ги ставиле сите свои пари на линија и никогаш не развиле најсовремена технологија. Опциските акции се главен начин технолошките компании да ги привлечат и да ги задржат врвните таленти.

Паметните синдикати ги водат некои од најголемите инвестициски фондови во светот каде што вложуваат во компании кои им издаваат милијарди опциски акции на своите најдобри вработени. Паметните влади ги поддржуваат таквите вложувања, што доведува до иновација, раст, профит и повисоки даночни приходи за државата. Глупавите синдикати и глупавите влади го работат она што го работеле отсекогаш, со истите резултати. Тогаш, каде ќе ја градите вашата следна компанија? Ваквите политики прават одговорот на ова прашање да биде многу полесен.

Автор: Милан Рачиќ
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија