Дипломирав пред шест години. Пред шест долги години преполни со учење, излегување од магичниот меур во кој живеев до дипломата, учење во реалниот живот, учење за функционирањето на работното опкружување, препознавање на грешките што ги направив во текот на периодот на моето студирање, барање место под сонцето. Не беа ни малку едноставни години. Да го имав сегашното искуство во периодот кога се запишував на факултет, животот би ми изгледал прилично различно.
И затоа би сакала да ги знам овие работи кога пред шест години го започнав мојот пат кон дипломирањето.
1. Студентските денови се најбезгрижниот период во животот
Кога се запишав на факултет, признавам, ме фати паника околу преселбата во друг град. Тешко ми падна тоа што бев меѓу непознати луѓе, во непознат град и во стан што не ми одговараше.
Но, по неколку месеци стана многу подобро. Ги запознав професорите, ги положив првите колоквиуми и испити, научив кои се најдобри места во градот за мојот студентски буџет и полека работите почнаа да си доаѓаат на своето место. Истовремено, не бев ни свесна за тоа колку имам среќа што студирам, што имам можност да живеам во друг град, што најголем проблем ми беше пишувањето семинарска.
Не бев свесна дека тоа е период во кој имав најмалку грижи, а повторно, за разлика од гимназиските денови, бев самостојна и далеку од родителски надзор, што неминовно од мене бараше да станам многу поодговорна.
2. Воннаставните активности се и тоа како важни
Во текот на студирањето бев една од оние што ги исполнуваа обврските во дадените рокови, ги решавав сите испити, го почитував секој рок за предавање на семинарските и „голтав“ книги. Но, заборавив една важна работа за која станав свесна по првите новинарски искуства.
Имено, интервјуирав повеќе од сто млади високообразовни луѓе, доста успешни во својата работа. Речиси сите во текот на студиите не се сконцентрирале само на учењето, туку настојувале и да стекнат што повеќе практично знаење, но и да се активираат во различни здруженија и на тој начин ја прошируваа својата мрежа на контакти што им биле од пресудна важност во текот на пронаоѓањето на првите работни места или стажирањето. Да го направев тоа, ќе си заштедев многу време по дипломирањето.
3. Штедењето е неопходно за влегување во светот на возрасните
Повеќето студенти се запознаени со планирањето на секој денар, ручеци, создавање мени што ќе овозможи поголема заштеда, без оглед дали ќе се хранат здраво или нездраво, патувањето дома со воз или со делење на превозот.
Се имав насочено само на тогашните трошоци за живот. Воопшто не размислував за тоа што ќе се случи кога ќе дипломирам. Не најдов работа веднаш по дипломирањето. Денес знам дека во текот на студирањето требаше секој месец да штедам некој денар. Тоа би ми овозможило слобода по дипломирањето.
4. Учењето не завршува со дипломирањето
Кога конечно почнав да работам на своето прво работно место, три месеци по дипломирањето, сфатив дека факултетот воопшто не те подготвува за реалниот живот. Имав добри и одлични оценки во индексот, а истовремено во првите недели на работа се чувствував некомпетентно за она што го работев. За среќа, добив одлична менторка од која во една година научив повеќе од сите методики и дидактики заедно во текот на последните две години студии.
5. Дипломата ни најмалку не гарантира успешна кариера
Она што го научив на многу тежок начин е дека дипломата не гарантира успех. Потребно е да бидете упорни, да се посветите на вашата работа и да бидете извонредни. Затоа, драги студенти, сега, додека сѐ уште имате време, земете го животот во свои раце. Не учете само за испитите, туку и за оној реален живот што се случува надвор од клупите.
Стекнете нови контакти, волонтирајте, штедете, уживајте со цимерите/цимерките во секое кафе, бидете гласни и борете се за себе и за другите. Верувајте, еден ден сето тоа ќе бидат само прекрасни спомени.