X
 16.10.2019 Култура

„Ти посакувам на Таoр да го најдеш монограмот на царот Јустинијан“

Промоција на книгата „Таор – рановизантиско утврдување и населба од праисторијата до средниот век“ од археологот м-р Киро Ристов

„Таор – рановизантиско утврдување и населба од праисторијата до средниот век“ е насловот на книгата од археологот м-р Киро Ристов, која денеска беше промовирана во Музејот на град Скопје, институција каде што тој долго време работи. Книгата е збирен труд од археолошките истражувања низ годините, преку кои Ристов првпат дојде до многу нови сознанија за локалитетот за кој науката претпоставува дека е родното место на Јустинијан Први.

- Ова е капитално дело кое ги претставува резултатите од истражувањата што имаа поголем обем - рече Ристов пред преполната сала во градскиот музеј.



Тој им се заблагодари на сите што низ годините биле дел од археолошките истражувања, а најмногу на семејството Павловски од скопското село Таор, сопственици на катастарските парцели кои сиве години наназад без проблем дозволувале археолошки да го истражат локалитетот.

Промотори на книгата беа проф. д-р Виктор Лилчиќ-Адамс и Славица Христова, директорка на Музејот на град Скопје.
Лилчиќ-Адамс нагласи дека треба да продолжат истражувањата на овој значаен локалитет.

- Во Таор е дел од античката цивилизација и во него се корените на европските народи. Ти посакувам да продолжиш со ископувањата на централниот објект и во него да ги пронајдеш монограмите на царот Јустинијан, кој би бил ктитор на објектот - рече Лилчиќ-Адамс.

Киро Ристов (лево), Славица Христова и Виктор Лилчиќ-Адамс

Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура