Здружението на директори на ученичките и студентските домови во Република Македонија бара зголемување на партиципацијата за ученик, односно студент што ја добива од државата, пишува МИА.
Од Здружението информираат дека на вчерашната средба меѓу Здружението на директори на ученичките и студентските домови, министерот за образование и наука Арбер Адеми и заменик-министерот Петар Атанасов се разговарало за проблемите во ученичките и студентските домови со фокус за можностите за корекција на средствата што ги уплаќа државата.
- За 16 години партиципацијата од Министерството за образование и наука претрпе само една измена со зголемување за 10 отсто. Оваа сума ни одблиску не ги покрива трошоците околу сместувањето на учениците и студентите, режиските трошоци и исхраната за учениците и студентите, особено по одлуката на Владата за задолжително средно образование, со што се отежна буџетот на студентските и средношколските домови. Станува збор за 26 дома, 18 ученички и осум студентски - се наведува во соопштението.
Дополнително Здружението на директори на ученичките и студентските домови бара партиципацијата да се плаќа 12 месеци од причина што тековните трошоци и плати за вработените се реализираат во текот на целата година.
Оттаму истакнуваат дека работат на подобрување на условите во домовите, но затекнатите состојби сепак се на незадоволително ниво, па наместо за нови инвестиции, се исплаќаат долгови.
- Наша цел е учениците и студентите да имаат соодветни услови за стекнување на своето образование - додаваат.
На средбата присуствуваа и претставници од кабинетите на премиерот на РМ, Министерството за финансии и Министерството за информатичко општество.
Фото: Фејсбук страница на домот
Факултети.мк минатата недела објави дека ученичките домови, особено оние со помал број ученици, се соочуваат со финансиски проблеми. Проблемот лежи во тоа што од државата добиваат по 7.500 денари месечно за ученик. Со овие средства тие треба да ги платат режиските трошоци, одржувањето на домот, храна за учениците и плати за сите вработени бидејќи тие не добиваат посебни блок-дотации за таа намена.
Директорот на ученичкиот дом „Боро Менков“ од Крива Паланка, Бранко Тодоровски, ни изјави дека 7.500 денари по ученик не се доволно за функционирање.
- Постојано, сите директори на домовите бараме да се реши овој проблем. За да може да опстанеме со тие пари, треба да имаме 1 вработен на 8 ученици. Но, во многу домови не е така. Инаку, овој начин на финансирање е воведен во 2001 година кога платите влегоа во партиципацијата. Тогаш изнесуваа 9.500 денари по ученик. Но, МОН во 2010 ги намали за 30 проценти и станаа 7.500. Нашите пресметки се дека се потребни барем 12.000 денари по ученик - изјави Тодоровски.