16.11.2020
Здравје
Од утре брзи тестови за коронавирус во уште 5 града во земјава
Од утре во уште пет здравствени институции во државата ќе се врши тестирање за коронавирус со брзи антигенски тестови. Тестирања ќе се вршат во здравствените домови во Штип, Гостивар, Прилеп, Струмица и во општата болница во Кичево. Лаборанти од овие установи минатата недела беа на обука во Скопје, а во текот на неделата ќе продолжат обуките на лаборанти од други градови низ државата за во најкраток можен рок брзите тестови да им бидат на располагање на матичните лекари на територија на цела држава.
Брз тест може да закаже единствено матичен лекар, и тоа доколку пациентот го исполнува алгоритамот, односно има симптоми на Ковид-19 не повеќе од 5 дена. Алгоритамот за брзо тестирање е од Светската здравствена организација, а матичниот лекар по земената анамнеза на пациентот одлучува дали тој ќе се тестира со ПЦР-тест или со антигенски - брз тест.
Изминатава недела на шесте пункта во поликлиниките во Чаир, Ченто, Ѓорче Петров, Бит-Пазар, Млин Балкан и Јане Сандански беа направени 1.138 теста, од кои 398 беа ковид-позитивни.