Во моментов има голема вулканска активност на повеќе места во светот, како Исланд, Италија и Мексико. Во последно време се чини дека има сѐ повеќе вулкански ерупции на Земјата, но дали тоа е навистина така?
Земјата е свет на вулкани. Секој ден еруптираат околу 50 вулкани на планетата, па нормално е да се има вулканска активност. Во последните 12.000 години биле активни околу 1.350 вулкани. Освен што се нормални, ерупциите се одговорни за формирањето на Земјата каква што ја знаеме.
Над 80 отсто од површината на Земјата е создадена од вулканска ерупција. Гасовите од вулканите во период од стотици милиони години ги формирале раните океани и атмосферата на Земјата.
Дали вулканската активност се зголемува?
Денес забележуваме повеќе вулкански ерупции, но тоа не значи дека тие се зголемуваат. Експертите не гледаат докази дека вулканската активност се зголемува. Во последните векови се зголемил бројот на активни вулкани бидејќи се зголемило нивното забележување. Со зголемувањето на населението, се зголемиле и случаите на забележани вулкански ерупции.
Освен тоа, подобрени се технологиите за набљудување и следење на вулканската активност, а за секоја ерупција се зборува повеќе благодарение на интернетот. Од ерупцијата на вулканот Хунга во Тихиот Океан во 2022 се зголемило и истражувањето на подводни ерупции. Пред еден век малку луѓе знаеле дека постојат вакви ерупции.
Затоа, нема потреба да бидете вознемирени доколку слушате за повеќе вулкански ерупции од порано.
Извор:
Mashable
Насловна фотографија: Pixabay