Како што сезоната на празници зема целосен замав, будењето за на работа е сè потешко, особено ако претходната вечер сте испиле пијалак повеќе.
Но, дигиталната маркетинг-агенција „Аудит лаб“ во Англија одлучи да воведе пофлексибилен пристап во работата така што им дозволи на вработените да работат од дома доколку се чувствуваат лошо.
Всушност, компанијата има политика која важи во текот на цела година, а се вика „денови на мамурлак“.
Директорката на „Аудит лаб“, Клер Кромптон, вели дека ова несекојдневно правило важи веќе три години, од самото основање на компанијата, а целта е да се привлечат млади работници. Освен деновите на мамурлак, оваа агенција применува и општа политика за флексибилна работа.
Кромптон вели дека заедно со партнерот Ли Фрејм сакале да создадат компанија што ќе нуди различни придобивки за различни вработени, но сфатиле дека повеќето придобивки биле за родители што работат.
Со „денови за мамурлак“, заедно со други генерални политики за флексибилно работење, таа сметала дека ќе имаат придобивки сите вработени.
- Тоа промовира одлична средина и самодоверба - објаснува Кромптон напоменувајќи дека вработените не го користат ова правило прекумерно и дека тие имаат лаптоп дома за да работат од дома и да не ги откажат состаноците.
Ваквата флексибилност е особено важна во светот на маркетингот, каде што состанокот со клиентите по работата е нормална појава.
„Аудит лаб“ исто така има и политика за неограничен одмор и работно време од 10 до 16 часот, нешто за кое Кромптон вели дека е корисно за родителите.
- Ова промовира добар баланс помеѓу работата и животот - вели таа додавајќи дека не е потребно секојдневно да гледате некој како работи за да знаете дека работи.
- Ако
резултатите се добри, не е важно што еден ден поспани работат од дома.