Сузан Хоби неодамна на „Инстаграм“ дознала дека една од нејзините вработени се наоѓа во Париз. Но, тоа не ја изненадило и воопшто не ја загрижило бидејќи таа не се грижи каде и кога нејзините вработени работат, сè додека тие доставуваат резултати во предвидениот рок.
Нејзината компанија „Џеј-Ел Бјуканан“ користи сосема нова стратегија на работење што ги мери само резултатите (ROWE - Results only work environment). Оваа стратегија се фокусира на перформансите на вработените, а не на местото и времето кога тие работат.
- Тоа е силата на довербата. Таа е во Париз, но знам дека работи. Можеби ќе ѝ биде потребна помош од колегата од канцеларијата, но за тоа воопшто не се грижам. Верувам дека го организирала патувањето земајќи предвид сè - вели Хоби.
Со оваа стратегија на работа вработените не треба да бараат да си заминат од работа порано или да работат од дома или, пак, да работат од друга земја.
- Секоја личност е 100 отсто одговорна и 100 отсто автономна, што значи дека самите се организираат и се независни - вели Џоди Томпсон, која помогнала во создавањето на концептот на ROWE.
Генерално, ROWE и понатаму има физички канцеларии за вработените, но Томпсон објаснува дека потребата за работни простории има тенденција да се намалува.
- Трошоците за недвижности може значително да се намалат во ваква работна средина бидејќи луѓето се навикнуваат на тоа дека работата не е нешто каде што треба да одиш, туку нешто што треба да го правиш - вели таа.
Хоби ја трансформирала нејзината компанија во ROWE во 2009 година и вели дека ангажманот на вработените, нивната продуктивност и ефикасност се зголемени, заедно со профитот и продажбата.
Идејата на ROWE изгледа едноставно, но може да биде тешка за имплементирање. Тоа значи дека работодавците треба да се откажат од длабоко вкоренетата идеја дека најдобрите вработени се оние што секогаш се на нивните работни бироа. Исто така, тоа значи ослободување од каква било вина што доаѓа со одењето во сала за вежбање во попладневните часови или присуството на приредбата на детето во училиште. Исто така, бара ослободување од какво било судење или прашување на работниците кога заминуваат од канцеларијата. Во ROWE вработените имаат неограничен одмор без потреба тие денови да бидат одобрени од работодавецот.
Целосна автономија на работниците
„ВАТ глобал медија“, компанија за содржини и маркетинг-услуги во агробизнис-индустријата, ја применил ROWE во 2012 година.
Главниот извршен директор, Грег Ват, бил прилично загрижен. Но, се покажало дека нема потреба да се грижи.
- Задниците на столчињата не создаваат добра работа. Даваат перцепција, но не значи дека носат одлични перформанси - вели Ват.
ROWE им дава целосна автономија на работниците, но за да бидат успешни, треба да имаат јасни цели и метрика - вели Томпсон.
- Морам да знам точно за што ме плаќаат во однос на мерливи резултати - додава тој. Резултатите се единственото нешто со кое се мерат работниците, така што мора да бидат јасни.
Вработените во ВАТ повеќе се вклучиле во поставувањето на целите за да утврдат што може да се постигне.
Но, додека повеќето вработени уживаат во слободата што им ја дава ROWE, менаџерите имаат тешкотии со приспособувањето на овој нов стил на работа.
- Тие се навикнати да имаат контрола. Обично менаџерите ги контролираат луѓето, а сега мораат да бидат навистина добри во работата и да достават мерливи резултати - вели Томпсон.
Сега менаџерите мора да станат „тренери за резултати“ во овие работни средини бидејќи редовната проверка на напредокот на вработените е голем дел од ROWE. Тие се таму за да им помогнат на работниците да бидат најпродуктивни и да им помогнат во решавањето на какви било проблеми што се појавуваат. Во ROWE хиерархијата повеќе е хоризонтална отколку вертикална.
- Во ваквата работна средина постојано се прашувате: Дали ова е вистинската цел? Дали ја имаме вистинската мерка? Мора да има постојана корекција на правецот за да бидете сигурни дека го губите времето - вели Томпсон.
- Ова е најдоброто решение за рамнотежата меѓу работата и животот - вели Лана Џонс, потпретседател за талент и култура во „Џеј-Ел Бјуканан“.
Но, само затоа што работниците имаат поголема слобода, не значи дека работат помалку.
- Работам понапорно со оваа
работа отколку што претходно сум работела во мојата 25-годишна кариера. Станува збор за попаметно работење, а не помалку работење - вели Џонс.