На 15.12.2022 година во УКЛО Студентскиот информативен центар во Битола се одржа промоција на монографијата „Сексуално вознемирување на универзитетите во Република Северна Македонија“ од авторите вон. проф. д-р Ангелина Станојоска, вон. проф. д-р Ице Илијевски и доц. д-р Ивона Шушак-Лозановска и тројцата од Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Покрај промоцијата, се одржа и панел-дискусија на која покрај авторите, говореа и проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска, м-р Ина Џугуманова, правна советничка во Хелсиншкиот комитет за човекови права, и Емилија Баткоска, студентски правобранител при УКЛО.
Авторите на панел-дискусијата посочија дека универзитетите се и треба да бидат бастиони на слободата на говорот, индивидуалните права и академската слобода. Атмосферата што ги ограничува овие слободи е спротивна на нивното постоење. Толеранцијата на сексуалното вознемирување во академски контекст, како и намалувањето на академската слобода и слободата на говорот, може да ги лиши членовите на академската заедницата од нивното вистинско образование.
- Генералната цел на истражувањето беше да се даде научна дескрипција и објаснување на сексуалното вознемирување на универзитетите во РСМ, а посебно перцепциите на студентите, односно колку тие го разбираат и препознаваат сексуалното вознемирување и нивното лично искуство и виктимизација. Притоа, заклучок е дека студентите не го препознаваат сексуалното вознемирување, односно го поистоветуваат со останатите форми на сексуална делинквенција - посочи вон. проф. д-р Ице Илијевски.
- Исто така, целите на ова истражување беа насочени во правец на промоција и подобрување на превентивните механизми за заштита од сексуално вознемирување на универзитетите. Она што заслужува значајно внимание е како да се охрабрат и поттикнат студентите да го пријавуваат сексуалното вознемирување. Безбедноста и заштитата на студентите и вработените кои откриваат или пријавуваат сексуално вознемирување треба да бидат приоритет на универзитетите. Сѐ уште постои недоверба во универзитетите од страна на жртвите, затоа што над 80% од виктимизираните кои кажале за тоа што им се случувало им кажале на своите пријатели или родители - нагласи вон. проф. д-р Ангелина Станојоска.
- Се разбира дека заштитата и безбедноста, како и зголеменото пријавување се поврзани од една страна и со постоењето правна рамка според која ќе се постапува во случаи на сексуално вознемирување на универзитет. Тоа значи дека универзитетите мора да имаат правилници со кои ќе бидат развиени специфични институционални механизми кои овозможуваат правовремена превенција и интервенција во случај на сексуално вознемирување во академски контекст, како и прецизно дефинирање на концептот на сексуално вознемирување и јасно предвидување кои однесувања спаѓаат во сексуално вознемирување - посочи доц. д-р Ивона Шушак-Лозановска.
На настанот присуствува универзитетски професори, претставници на Универзитетското студентско собрание и на факултетските собранија, студенти и гости.
Целиот истражувачки извештај (монографија) е достапен
ТУКА.
(Кoмерцијална објава)