X
 16.12.2023 Живот

Облачен леопард - мачка со заби слични на сабја која може да оди наопаку по дрвјата

За разлика од лавовите и гепардите во Африка, кои демнат или се тркаат низ отворените рамнини во потрага по плен, облачните леопарди повеќе живеат на дрвјата, приспособувајќи се на тропските шуми во Југоисточна Азија.

Овој начин на живот на дрвјата придонесе да поседуваат извонредни глуждови, кои можат да ги ротираат за речиси 180 степени. Таквата неверојатна флексибилност им овозможува да се спуштаат по стеблата главечки. Во заробеништво, овие мачки се забележани како се качуваат наопаку по хоризонталните гранки и висат надолу со нивните задни стапала, овозможувајќи им да му скокнат на пленот - иако научниците веруваат дека тие главно ловат на земја.

Облачните леопарди имаат кратки, набиени нозе, мали тела - долги помеѓу 69 и 108 сантиметри, и долги опашки кои им помагаат да балансираат на дрвјата. Тие можат да тежат помеѓу 11 и 23 килограми.

Облачните леопарди имаат и најголеми горни заби од сите живи мачки, пропорционално со големината на нивното тело. Истражување објавено во „Сајнс адвансес“ забележува дека пропорциите на нивните заби се слични на некои изумрени видови сабјозабни мачки.

 

Кога соборуваат голем плен го гризат за задниот дел од вратот за да го убијат, отсекувајќи му го 'рбетниот мозок.

Во 2006 година истражувачите открија дека облачните леопарди се всушност два различни вида, кои се на Црвената листа на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN).

- Облачниот леопард на копното живее во густите шуми низ Јужна и Југоисточна Азија, покажувајќи извонредни адаптации за живот во врвовите на дрвјата. Меѓутоа, уништувањето на шумите и земјоделската експанзија им се заканува на голем дел од расположливите живеалишта. Треба да се развијат ефективни планови за да се заштити иднината на овој харизматичен вид - вели Ваи-Минг Вонг, директор на глобална организација за заштита на диви мачки.

Извор: Livescience.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот