X
 14.11.2018 Економија

Гасот ќе го истисне јагленот од позицијата на втор извор на енергија

Се очекува дека до 2030 година природниот гас ќе го истисне јагленот од позицијата на втор извор во светот по нафтата, благодарејќи на настојувањата да се намали загадениот воздух и се поголемата потрошувачка на  растечен природен гас „ЛНГ“, соопшти Меѓународната агенција за енергија (МАЕ).

Таа агенција со седиште во Париз, во годишните проценти за енергетскиот сектор „World Energy Outlook 2018“ наведува дека побарувачката за енергија ќе се зголеми за повеќе од четвртина во периодот меѓу 2017 и 2040 година, со претпоставка за поефикасна употреба на енергијата.

Ако енергијата не се користи поефикасно, скокот ќе биде двојно поголем, проценуваат во Агенцијата.

Во истиот период светската побарувачка за гас ќе се зголемува по 1,6 отсто годишно, односно за вкупно 45 отсто во однос на сегашното ниво, објави МАЕ. Проценките се темелат на сценариото за измена на политиките кои предвид ја земаат регулативата и мерките со цел намалување на емисијата на штетни гасови и борба против климатските промени. Исто така се претпставува поефикасна потрошувачка на горива и енергенси во зградите, како и други фактори.

Кина, најголемиот увозник на нафта и јаглен во светот, набрзо ќе стане и најголем увозник на гас, а до 2040 година нејзиниот нето увоз ќе се приближи до оној на Европската унија, проценуваат од Агенцијата. Кина веќе ја надмина Јапонија како водечки светски увозник на природен гас.

Иако Кина е трет потрошувач на гас во светот, зад САД и Русија, принудена е со увоз да подмирува околу 40 отсто од своите потреби, со оглед на тоа дека кинеското производство не успеава да држи чекор со потрошувачката.

Во 2040 година околу половина од растот на вкупната глобална потрошувачка на гас ќе отпаѓа на азиските економии, а нивниот удел во увозот на природен гас ќе се удвои во однос на сегашното ниво и ќе изнесува 60 отсто, се наведува во извештајот на МАЕ.

-Иако е прерано за тврдењето дека глобалниот пазар на гас ќе биде налик на пазарот на нафта, обемот на трговија со ЛНГ значително се зголеми од 2010 година  и допре и до претходно изолираните пазари - соопшти Агенцијата.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија