X
 19.04.2019 Политика

Колку навистина е моќен Владимир Путин?

По 19 месеци чекање судење за „екстремизам“, Денис О. Кристенсен, јеховин сведок од Данска, кој беше притворен поради неговите верски убедувања, кон крајот на годината доби неочекуван подарок од претседателот Владимир Путин.

Претседателот соопшти дека прогонот на луѓето поради нивните верски убедувања е „целосна глупост“ и оти тоа мора да престане. Но, наместо да запре кампањата што се водеше против јеховините сведоци во цела Русија, изјавата на претседателот доведе до уште повеќе апсења; Кристенсен беше осуден на шест години затвор, а во новите извештаи се наведува дека група верници се во Сибир каде што се подложени на мачење.

Расчекорот меѓу она што го зборува Путин и она што навистина се случува во Русија го отвора фундаменталното прашање за природата на неговото владеење по повеќе од 18 години: дали тој навистина е семоќен лидер? Или е на врвот на земја што оди кон пропаст, систем кој повеќе се заснова на чудните и често подмитливи пресметки на бирократијата и групите на интерес отколку на диктатот на Кремљ?

Екатерина Шулман, политиколог од Москва и членка на советот за граѓанско општество и човекови права на Путин, вели дека неговото влијание се преувеличува.

- Оваа земја не е негово лично царство, туку огромна бирократска машина со која е тешко да се управува, со свои внатрешни закони и принципи. Често се случува претседателот да каже нешто, а потоа да се случи спротивното, или ништо да не се случи - вели Шулман.

Бирократските и политичките сили ја поддржуваат, но и ја саботираат неговата моќ: тајните служби, Руската православна црква, олигарсите, локалните функционери и други.

- Системот е нефункционален. Невозможно е еден човек да контролира сè - вели Ендрју Вуд, поранешен британски амбасадор во Москва.

На западњаците што се навикнаа да го гледаат Путин пред камера додека од него зрачи наредбодавност, ваквите изјави можат да им звучат неверојатно.

Многу проекти што ги поддржа рускиот претседател, како што е изградба на мост кој би ги поврзувал Русија и Кина, но и автопат меѓу Москва и Санкт Петербург, не се завршени. Изградбата на центар за лансирање ракети во Источна Русија, кој Путин го претстави како „еден од најголемите и најамбициозни проекти на модерна Русија“, трае многу подолго отколку што беше предвидено, поради корупција и штрајкови на неисплатени работници.

Од кабинетот на државниот обвинител е соопштено дека за време на реализацијата на проектот се украдени повеќе од 150 милиони долари затоа што повеќе од илјада луѓе направиле над 17.000 правни прекршоци.

Неусогласеноста на зборовите на Путин со она што навистина се случува во системот повторно се најде во центарот на вниманието откако полицијата во Москва го уапси Мајкл Калви, американски основач на еден од најстарите и најголемите инвестициски фондови фокусирани на Русија, поради обвинение за измама. Неговото апсење не беше во согласност со изјавите на Путин дека Русија мора да привлече странски инвеститори и да ги спречи полициските сили да се мешаат во деловните спорови.

Царот Николај Први знаел каде се границите на неговата моќ: „Јас не владеам со Русија“, се жалел тој. „Туку со 30.000 свештеници“.

Разликата е во тоа што сега, додаде Екатерина Шулман, има повеќе од еден и пол милион „свештеници“, односно бирократи.

- Голема илузија е дека единственото нешто што треба да го направите е да стигнете до лидерот, да го натерате да слуша и сè ќе се смени. Работите не функционираат така - рече таа.

- Култот на Путин на врвот на семоќна „вертикална моќ“ е мит. Тоа не постои - вели Марк Галеоти, британско-руски експерт.

Наместо тоа, додаде тој, Путин е „модел кој ни овозможува сите да создадеме свој Путин“, семоќен, макијавелист или како оној што се бори да го одржи разнишаниот систем.

Во својот говор за состојбата на нацијата во февруари, Путин повторно ја истакна потребата на деловните луѓе да им се дозволи слободно да работат. Иако и во претходното обраќање кон народот го побара истото, како што рече, призна дека за жал ситуацијата не е многу подобра.
- Правилно спроведена диктатура изгледа многу поинаку од ова - заклучи Галеоти.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика