Општо е познато дека луѓето имаат позитивно мислење за себе. Обично за себе мислиме дека сме чесни и искрени луѓе.
Начинот на кој се гледаме себеси нѐ спречува да лажеме. Чесноста и искреноста стојат високо на скалата на вредности и луѓето силнo веруваат во сопствените морални стандарди. Нарушувањето на овие морални стандарди бара преоценување на сликата за себе, што може да биде многу непријатно. Кога ќе се соочат со таква ситуација, луѓето запаѓаат во конфликтна ситуација: од една страна, тие се мотивирани да излажат и да добијат мала материјална корист, а од друга страна, имаат долгорочна потреба да ја одржат позитивнaта слика за себе. Поради тоа, луѓето настојуваат да го одржат позитивното мислење за себе дури и по цена на сопствена штета, односно да не добијат материјална корист.
Всушност, секојдневно се соочуваме со конфликт помеѓу искушението да ги прекршиме нашите морални стандарди и да задоволиме наш моментален интерес, од една страна, или да ги почитуваме тие стандарди и да ја сочуваме сликата за себе, макар и да ја изгубиме добивката, од друга страна. Некои конфликти ни изгледаат мали и тривијални, па на нив не обрнуваме внимание и тие поминуваат незабележено. Во секојдневниот живот ние сме соочени со многу такви конфликти. Можеби некој пријател или колега ќе ни понуди пиратска копија од компјутерска програма или нелегална копија од некој најнов филм; или пак ќе се прикажеме постари отколку што сме за да добиеме бесплатен влез на жичницата на Водно, или пак ќе прикажеме дека нашето дете е помало отколку што е за да добиеме попуст во хотелот и сл.
Кога сме ставени во ситуација да излажеме за да добиеме некаква мала корист, кај нас настанува конфликт помеѓу желбата да излажеме и желбата да бидеме искрени со цел да ја сочуваме сликата за себе како „добар, чесен човек“. За да се разреши овој конфликт, потребно е да се вложи напор за да се спротивставиме на нашите импулси. Поинаку речено, потребна е когнитивна контрола. Но, природата на когнитивната контрола не е доволно разјаснета.
Неодамна група истражувачи од Универзитетот Еразмус во Ротердам, во списанието PNAS објавиле интересно, а би рекол и сложено истражување со цел да ја објаснат природата на когнитивната контрола и основните неврални механизми на мамењето.
Во истражувањето учествувале 40 лица на возраст помеѓу 18 и 35 години.
На испитаниците им било речено дека учествуваат во експеримент со кој се истражува визуелната перцепција и придружните неврални механизми на перцепцијата за потребите на маркетингот. Понатаму, им било објаснето дека невралните механизми ќе се испитуваат со FMRI (Functional Magnetic Resonance Imaging) скенер (3T Siemens Verio MRI system).
Пред почетокот на експериментот, испитаниците имале можност да се запознаат со скенерот. Тие, исто така, имале и пробна сесија од 5 минути за да се запознаат со постапката, по што експериментот почнувал и траел околу 45 минути.
Додека биле во скенер за магнетна резонанса, на испитаниците им била прикажувана серија од 144 парови на слики. На испитаниците им било нагласено дека сликите се идентични, односно дека се разликуваат во три детали, а нивна задача е да ги најдат тие разлики. Штом ќе ги најдат, требало да сигнализираат. За секоја најдена разлика испитаниците добивале мала парична награда. Таа изнесувала 5, 20 или 40 центи во зависност од тежината на задачата. Ако испитаникот не сигнализирал дека нашол разлика помеѓу сликите, не добивал парична награда.
Испитаниците не го знаеле тоа, но само во 50% од обидите имало 3 разлики помеѓу сликите. Во 25% од обидите имало две разлики, а во другите 25% имало само една разлика. Точноста на дадениот исказ не се проверувала. Така испитаниците имале можност да соопштат дека нашле разлика помеѓу сликите иако тоа не било точно. Потенцијалниот финансиски ефект не бил мал. Истражувачите соопштиле дека испитаникот што лажел на сите обиди на кои можело да се лаже можел да заработи 35 евра, додека испитаникот што воопшто не лажел можел да заработи 7,5 евра.
Поради фактот што не се проверувала точноста на дадениот одговор, испитаниците биле уверени дека истражувачите не биле свесни за мамењето.
Меѓутоа, истражувачите не само што можеле да ги следат сите обиди за лажење, туку ја следеле и активноста на мозокот на секој испитаник во текот на истражувањето.
Значи, за потребите на истражувањето, истражувачите развиле задача која овозможила незабележливо мерење на секој обид на спонтано лажење.
Во ова истражување испитаниците можеле да лажат намерно, доброволно и да го повторуваат лажењето, без да се посомневаат во вистинската цел на експериментот. На тој начин истражувачите можеле да проучуваат како наградата, поимот за себе и когнитивната контрола влијаат врз лажењето.
Какви резултати се добиле со истражувањето?
Најнапред ќе ги соопштам бихевиоралните, а потоа невралните резултати.
Најдени се големи индивидуални разлики во вкупниот број на лажења: извесен број испитаници (17,5%) лажеле на еден или на два обида, додека околу 5% пропуштиле да излажат на еден или на два обида. Другите испитаници давале одговори помеѓу овие два броја.
Истражувачите особено се интересирале за прашањето како карактеристиките на задачата влијаеле врз лажењето. Задачата била така конципирана што субјектите можеле да лажат само при обидите кога помеѓу сликите имало една или две разлики. Тие можеле да лажат така што кога ќе најделе една разлика, да соопштеле дека нашле три разлики („голема лага“), односно кога ќе најделе две, да соопштеле дека нашле три разлики („мала лага“).
Резултатите се интересни: 36% одговориле дека нашле три кога, всушност, нашле две разлики, додека 16% соопштиле дека нашле три тогаш кога нашле само една разлика. Значи, субјектите лажеле повеќе кога лагата била помала.
Во понатамошната постапка групата била поделена на две подгрупи, кои за потребите на ова истражување ќе ги наречеме чесни (honest) испитаници, оние што релативно ретко лажеле, и лажговци (cheaters), оние што често лажеле, а со цел подобро да се согледаат невролошките разлики помеѓу нив.
Да ги изнесам, накратко, најважните невролошките наоди.
Како прв чекор во функционалната MRI анализа била истражувана невралната активација при можност да се лаже. За таа цел, тие ја споредувале невралната активност на испитаниците при обидите кога имале можност наспроти обидите кога немале можност да лажат. Анализата на целиот мозок откри дека чесните испитаници, соочени со можност да лажат, покажале поголема активност на овие делови од мозокот: PCC (posterior cingulate cortex), MPFC (medial prefrontal cortex) и на TPJ (temporo-parietal junction). Поимот за себе е претставен во тие делови. Овој резултат сугерира дека кај чесните лица поимот за себе како „чесен“ е важен за нивната одлука да лажат или не.
Следно, истражувачите се интересирале кои неврални механизми учествуваат при донесувањето одлука да се лаже или не, кога постои таква можност. За таа цел, била споредена невралната активација при обидите кога испитаниците имале можност да лажат, но одлучиле да не лажат наспроти обидите кога испитаниците одлучиле да лажат. Било откриено дека испитаниците што вообичаено лажат покажале повисока активност во ACC (anterior cingulate cortex) и во IFG (inferior frontal gyrus) кога донеле одлука да бидат чесни.
Поинаку кажано, кај лажговците се ангажира ACC и IFG повеќе отколку кај чесните испитаници кога се воздржуваат од лажење.
Едно од прашањата на кое истражувачите сакале да одговорат е како испитаниците во експериментот реагирaле на наградата на неврално ниво, односно дали испитаниците биле мотивирани од наградата што можела да се добие на секој обид и дали правеле разлика на износот на наградата од 5, 20 и 40 центи. Анализата на резултатите покажала дека износот на наградата ја модулирал активноста на Nacc (nucleus accumbens). Тоа значи дека испитаниците навистина биле мотивирани од потенцијалната награда.
Лажговците покажале поголема сензитивност на можностите за финансиска награда отколку чесните типови. Тоа се манифестирало во вид на зголемена активност на nucleus accumbens, кој има улога во врска со наградата. Тоа значи дека за лажговците, наградата била од поголема важност кога одлучувале дали да излажат или не. За оние што лажеле била потребна поголема когнитивна контрола, претставена со зголемена активност на inferior frontal girus и anterior cingulate cortex, за да ја надминат тенденцијата да излажат, додека за чесните типови била потребна поголема когнитивна контрола за да ја надминат нивната тенденција да нe излажат и нечесно да ги добијат парите.
Во психолошките истражувања се покажало дека алчните лица ќе соопштат многу прифатливи оправдувања и ќе извршат престап почесто отколку помалку алчните лица. Општо земено, од овие наоди произлегува дека колку што е поголема наградата, толку се зголемува веројатноста за нечесна активност. Невралниот одговор во можност кога се очекува награда се одразува во зголемена активност на nucleus accumbens.
Да резимирам некои главни наоди. Во истражувањето е откриено дека активноста на nucleus accumbens промовира лажење, особено за поединци кои лажат многу, додека активноста на PCC (posterior cingulate cortex), MPFC (medial prefrontal cortex) и на TPJ (temporo-parietal junction) ја промовира чесноста, особено кај поединци кои се генерално искрени. Конечно, активноста на областите поврзани со когнитивна контрола (anterior cingulate cortex and inferior frontal gyrus) прави нечесните испитаници да бидат чесни, додека чесните да лажат.
Општ заклучок од ова истражување е дека когнитивна контрола не е потребна за некое лице да биде лажго или чесно по себе, туку дека тоа зависи од моралните стандардни на поединецот, односно од моралните вредности што ги интернализирал.
Во истражувањето, општо земено, било најдено дека когнитивната контрола нема еднакво влијание врз сите лица, туку го олеснува чесното однесување на оние што лажат, додека го овозможува лажењето кај чесните учесници. Когнитивната контрола им дозволува на чесните луѓе понекогаш да лажат, а на лажговците им овозможува понекогаш да бидат искрени.
Mоже да се рече дека различни процеси влијаат на спречување на нечесното обносување кај различни лица. Авторите на ова истражување, дипломирани психолози, кои магистрирале и докторирале или работеле во областа на невронауката, невропсихологијата, невроекономијата, невромаркетингот и друго, сметаат дека резултатите добиени со ова истражување, ако се потврдат и низ други истражувања, со примена во практиката, би можеле да помогнат да се развијат поуспешни начини на влијание врз однесувањето на потрошувачите. На поширок план, заштедите од смалувањето на даночното затајување, прикривање на втора – непријавена работа итн. би биле огромни.
Значи, на прашањето дали когнитивната контрола влијае врз одлуката да се излаже или не, не може да се даде категоричен одговор. Резултатите од ова истражување, општо земено, покажуваат дека ефектот на когнитивната контрола зависи од наклонетоста на испитаниците да бидат чесни или нечесни, односно од нивната прифатена интернализирана моралност. Специфично, когнитивната контрола ја заобиколува основната моралност на лицето. Когнитивната контрола прави чесните луѓе понекогаш да излажат, а лажговците, исто така, понекогаш да бидат чесни.
Зошто е тоа така? Авторите на истражувањето дале одговор: затоа што е можно да се наруши балансот помеѓу „да се биде чесен“ или да се биде лице кое користи можност повремено да излаже. Но, бидејќи ние не сакаме да се наруши нашата слика за себе како „чесни“, често е потребен напор да се надмине оваа препрека и да се лаже.
Трудот е објавен во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences, 117 (32), стр. 19080-19091.
Автор: Томе Николоски, дипломиран психолог во пензија