X
 07.01.2017 Култура

Празнично галење на сетилата со Рахлин и Филхармонија

Скопје не е Виена или Салцбург, но Македонската филхармонија со својот специјален гостин, виолинист и диригент Џулијан Рахлин, денеска во Македонската опера и балет, за момент ни направија да помислиме дека може и да сме во некоја од тие европски метрополи. На задоволството на љубителите на класичната музика, на традицијата да се посети класичен концерт за божикните празници, нашата Филхармонија ги стопли срцата на тие што беа храбри да ги напуштат своите домови на десет степени под нулата и да уживаат во партитурите на светската литература за соло-виолина, но и од неколку опери и балети.



Скопје ја имаше привилегијата да ужива во настапот на еден од најдобрите виолинисти во светот. Џулијан Рахлин, роден Литванец, пораснат Австриец, со невидена леснотија на големите мајстори не одведе низ различни музички епохи и авторски потписи. Лесно буквално „жонглираше“ од композиција во композиција, и како солист на својата „Страдивари“ (стара 313 години), и како диригент, а при тоа, во ниеден момент не ги заборави музичарите од Филхармонијата и публиката. Како волшебник со своето стапче ја правеше секоја наредно дело помагично за публиката. Доминираа топлите звуци на австрискиот композитор Фриц Крајслер, со познатите „Убавиот рузмарин“, „Минијатурен виенски марш“, „Љубовна тага“, „Љубовна радост“.

Програмата беспрекорно составена за поводот – неизбежните Штраус („Виенска крв“) и Чајковски со „Танцот на цвеќињата“ од балетот „Оревокршачка“ и делови од балетот „Заспаната убавица“.

Публиката стоплената од емоции и убавина ги награди вредните музичари со громогласни аплаузи, тоа беше логична завршница на концертот.

Не постои голем диригент или оркестар со кого виртуозот Џулијан Рахлин не соработувал. Затоа честа и привилигијата да го имаме во Скопје е уште поголема, а нас не прави барем за момент големи, не прави граѓани на светот.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура