X
 11.01.2017 Забава

Back to the future: Дали стигна иднината каква што ја очекувавме?


Дали Земекис и останатите автори на нашите научнофантастични соништа нè излагаа? Ја добивме ли иднината каква што ја очекувавме додека ги следевме „Војна на ѕвездите“, „Индијана Џонс“ и „Враќање во иднината“?

Сцена од филмот „Враќање во иднината“

Серијалот „Враќање во индината“ најмногу ја предизвикуваше нашата фантазија додека бевме деца. Авантурите на Марти Мекфлај (Мајкл Џеј Фокс) и разбушавениот Емет „Док“ Браун (Кристофер Лојд) кои со својот „ДеЛореан“ итаат кон иднината, па се враќаат назад во педесеттите, па на Дивиот запад, па повторно во 1985 година, кога лудиот научник со помош на плутониум и „флукс капацитатор“ направи машина за патување низ времето.

И таа сцена од филмот, сè уште ни е врежена во нашата меморија: додека Марти и останатите влегуваат во сивиот „ДеЛореан“, стариот Док го типка посакуваниот датум на временската машина. 21 октомври 2015 година, 16:29. И тогаш се вивнуваат на летечкиот автопат... Марти има јакна што се суши сама од себе, сите деца возат hoverboards кои наликуваат на скејтови...

Затоа и се отвора дилемата: дали Земекис и останатите автори на научнофантастичните филмови нè измамија? Ја добивме ли иднината каква што ја очекувавме додека првпат ги гледавме тие филмови?
Еве краток преглед на измамите од еден од највозбудливите филмови на сите времиња:

- Mr. Fusion. Апарат каде што фрлате какво било ѓубре и добивате нуклеарна енергија. Тоа навистина би значело дека веќе никој нема да зависи од суперсилите по прашањето за природниот гас или цената на нафтата на светските берзи.

- Алфа-Ритам Генератор. Ако се сеќавате на сцената од второто продолжение, девојката на Марти, Џенифер, заедно со нив патува во 2015, а потоа почнува да поставува прашања. И тогаш Док вади нешто што се вика „Алфа-Ритам Генератор“ и по тивкиот звук „бззззз“, Џенифер паѓа во длабок сон не помнејќи ништо потоа. Наместо ова, за среќа или за жал, денес ние имаме телевизии и гласила кои многу лесно можат да нè убедат дека нешто што се случило, не се случило.

- Временска прогноза. Док во една сцена апсолутно го знае моментот кога ќе престане да врне дожд. Реалноста денес говори дека и покрај сите научно-технолошки достигнувања, сè уште не сме во состојба да добиеме прецизна прогноза за временските (не)прилики.

- Роботи на бензинските пумпи. Во вториот дел на серијалот, кога сакате да наполните гориво, до вас доаѓа робот што откако ќе го наполни резервоарот, ви наплаќа и со љубезен, роботски глас ви заблагодарува. Денес е сосема поинаку: не само што нема роботи кои полнат гориво, туку сè помалку луѓе работат на пумпите, па секој мора сам да си полни гориво.

- Гардероба.
Ах, оние „најки“ со врвки кои сами се врзуваат. И јакната што се прилагодува на телото на тој што ја носи. Марти во филмот облекува јакна, а ракавите му висат, но за момент таа магично станува „како скроена за него“. И кога ќе се намокри, самата се суши. Каков рај би бил овој, доколку денес имавме вакви можности.

- Hoverbord.
За секое момче родено во 70-те или 80-те ова е најголемото разочарување. Иако, работата и не е толку црна, затоа што компанијата Hovertech веќе најави дека работи на развивање на ховерборд. Лошата вест е што тој нема да може да се користи без посебни ленти врз кои ќе лебди (нешто слично како кај магнетните возови) така што нема можност да се користи по улиците.

И ова не е сè... Само што стигнуваат во 2015. Док ја симнува маската на старец и го покажува своето ново, обновено лице. „Бев на клиника за подмладување и таму ме поправија на природен начин. Ми испеглаа неколку брчки, ми пресадија коса, ми вбризгаја нова крв“, му кажува тој на вчудовидниот Марти. Денес, токму како што предвидел Земекис, живееме во време кога убавината значи сè, а суетата е  единственото што преостанува.

Но, постојат и оние кои ситацијата ја сфаќаат многу посериозно и се убедени дека ние веќе живееме во иднината. Од човекот кој сосема нормално живее со своите бионички раце, па сè до откривањето на нови планети и поплава од информации... И навистина, како денешните деца, кои прелесно ги совладуваат „тајните“ на најновите гаџети, гледаат на „новитетите“ што беа прикажани во „Враќањето во иднината 2“?
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава