Според податоците за измерените температури во овие неколку денови во Република Македонија, произлегува дека тие се речиси исти, па дури и пониски од повеќе региони на Антарктик. Така, од саботата до вторникот (7-10.01.2017), утринските температури во најголем дел од нашата држава паднаа под -20, а на некои места дури и под -25 степени, додека дневните беа околу -10 степени. Во исто време, на американската антарктичка станица McMurdo, која е на 77 степени јужна географска широчина, измерените температури се движеа помеѓу -5 и -12 степени. Слични вредности имаат температурите во приморскиот дел на Антарктик, до околу 80 степени јужна географска широчина.
Значително пониски се температурите на самиот Јужен Пол. Овде се наоѓа американската антарктичка станица Amundsen-Scott, а деновиве, таму температурите се во опсег од -18 до -30 степени Целзиусови, или за 2-3 степени пониски од оние во Берово. Најниски температури на Антарктик моментално има на руската станица Восток и се движат помеѓу -25 и -32 степени. Секако, треба да се напомене дека во јануари и февруари, на континентот Антарктик трае краткото и студено лето, кое се одликува со температури околу -5 до -30 степени и со силни ветрови. Во овој период нема ноќ, а поларниот ден завршува во почетокот на март. Инаку, во најсеверните и најиспакнати делови на Антарктик кон Јужна Америка, на Антарктичкиот Полуостров, деновиве температурите се позитивни и во опсег од 2-7 степени, а времето е проследено со врнежи од дожд и снег.
За да ги видите температурите на поларните станици на Антарктик, отворете го следниот
линк.
Подготвил: д-р Ивица Милевски /
iGeo