X
 26.09.2022 Живот

Доаѓаат арктички денови - првиот предизвик за Европа во штедењето енергија

Арктичките студови кои во текот на неделава се очекува да ја зафатат Западна Европа ќе бидат првиот тест колку Европејците имаат волја да го одложат почетокот на грејната сезона за да заштедат енергија и да им олеснат на домаќинствата, пишува „Блумберг“.

Температурите во Лондон ќе бидат речиси 5 Целзиусови степени под просекот за овој период од годината и ќе се движат до 6,5 степени во текот на ноќта што следува, прогнозира „Максар технолоџис“. Според истата прогноза, во германскиот град Франкфурт в среда ќе биде 3,5 степени под вообичаените температури за овој период, додека делови од Франција и од Шпанија, исто така, ќе се соочат со температури за 3 до 4 степени пониски од типичните за овој период од годината.

Во меѓувреме, мрежните оператори разработуваат планови како да ја рационализираат енергијата, доколку тоа е потребно за зимава. Со максимално искористени опции на замена за руските испораки на природен гас со други извори, фокусот е на намалување на побарувачката. Во идеалната ситуација, потрошувачите ќе го прават тоа доброволно, но ако не сакаат, има неколку мерки по кои може да посегнат мрежните оператори, од кои најекстремната е организирано гасење.

- На почетокот на неделата ќе биде уште постудено бидејќи арктичкиот ветер ќе се придвижи кон југ, а силниот северен ветер ќе го зголеми чувството на студ - наведува метеоролошката служба на Обединетото Кралство.

Грејната сезона официјално почнува во октомври, кога температурите би требало да се вратат во нормала, но ова ќе биде тест на реалноста кога станува збор за дисциплината во трошењето енергија во регионот во момент кога владите се обидуваат да ја намалат потрошувачката во сите сектори од стопанството. Европската Унија, пак, расправа за обврзувачка цел за намалување на потрошувачката на електрична енергија.

Додека владите издвојуваат милијарди евра за поддршка на потрошувачите кои се борат со сѐ поголемите трошоци за енергија, надежта е дека многу луѓе ќе ги држат термостатите исклучени дури и за време на постудените месеци.

Со оглед на тоа дека по ублажувањето и укинувањето на ковид-мерките многу луѓе се враќаат во канцелариите, потрагата по енергија би требало да го достигне врвот во раните утрински и доцните попладневни часови, особено ако се земе предвид дека ќе има многу повеќе вклучени светилки бидејќи деновите ќе стануваат сѐ пократки.

Во Велика Британија има знаци дека утринската побарувачка за гас веќе расте. Производството на електрична енергија од ветерници, пак, била мала, што нагласува дека мирното време во комбинација со ниските температури може да биде исклучително незгодна ситуација зимава.

Се очекува температурите нормални за овој период од годинава да се вратат до почетокот на октомври, кога ќе се зголеми и производството на електрична енергија од ветерници.

Извор: Bloomberg
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот