По повеќемесечна работа, деновиве е завршен првиот дигитален геолошки (литолошки) грид модел на Република Македонија. Истиот е креиран со специјална софтверска растеризација на достапните геолошки карти во размер 1 : 100.000 за подрачјето на Република Македонија, изработени претежно во 60-тите и 70-тите години на минатиот век од страна на Геолошкиот Завод на СРМ. Во минатиот период, со развојот на новите софтверски можности, наведените геолошки карти (секции) се векторизирани – дигитализирани и од нив се изготвени дигитални карти. Сепак, последната постапка е сосема нова и во согласност со најсовремените методологии за ГИС-растеризација.
Имено, скенираните геолошки карти (секции), првин се дигитално обработени, колорно корегирани, „очистени“ од непотребни технички содржини и натписи, полигонски обоени (секоја литолошка единица со различна боја) и на крај геореференцирани. Во вториот дел од постапката, изведена е т.н. дигитална колорна растеризација, при што секоја боја добива своја бројна вредност од 0 до 255 која пак се поврзува со литолошкиот тип, односно вид на карпи. Во релационата датабаза, освен типот на карпите, староста и сл., можно е да се внесат бројни други карактеристики кои се во врска со дигиталниот модел. На крај, извршена е детална проверка на прецизноста и точноста на моделот, со одредени мали корекции и подобрувања.
Предноста на растерско-дигиталниот литолошки модел на Република Македонија, во однос на останатите дигитални (векторски) пристапи е огромна. Имено, можно е речиси инстантно да се пресмета површината која ја зафаќа одреден тип на карпи во конкретен простор (или целата држава), височината, наклонот, експозициите на тие карпи, во даден простор, регион, општина, планина или друга целина. Така на пример, според моделот, карбонатните карпи во Република Македонија зафаќаат површина од 2955 км кв., нивната просечна височина е 1099 м, просечниот наклон 20,5 степени, со доминантна југоисточна и југозападна експозиција. Дополнителни анализи се можни за секој одделен тип на карбонатни карпи и за било кој простор кој ни е од интерес.
Особена погодност е во можноста за дополнително моделирање со користење на растерскиот литолошки модел во однос на степенот на ерозија, ризикот од појава на свлечишта, поплави, предиктивно моделирање на почвени типови и комплекси и многу други, каде геолошкиот состав има значајно влијание. Растерскиот литолошки модел, многу едноставно може да се трансформира во векторски (.shp) или било каков друг вид во зависност од потребите. Треба да се нагласи дека дигиталниот литолошки модел е со одлична резолуција од 30 м, што одговара на размер од околу 1 : 50.000. Во целата постапка се користени најновите верзии на софтверските пакети SAGA GIS, Global Mapper, MicroDEM и ArcMAP. Овој модел, наскоро треба да биде достапен во повеќе варијанти и резолуции, за комерцијална и слободна употреба (тест-подрачја).
Автор: д-р Ивица Милевски /
iGeo