Нов детски викенд најавува Македонската опера и балет. Овој пат детската публика ќе научи за оперската уметност преку музичко-сценската претстава „Операта на шумските животни“. Претставата ќе биде изведена во сабота и во недела (во термините од 12 и од 13.30 часот) на малата сцена на МОБ.
Ќе бидат изведени популарни арии од оперите „Кармен“, „Палјачи“, „Аида“, „Травијата“, „Рита“, како и многу други арии и инструментални композиции кои се со адаптиран текст во својство на сценариото. Сценариото и режијата се на Десанка Глигоријевиќ.
Сценариото изобилува со многу комични моменти кои се случуваат додека шумските животни се обидуваат да создадат оперска претстава. Улогите ги толкуваат: Симона Петровски/Надежда Рубен, Марика Поповиќ/ Катерина Бошковска, Јане Дунимаглоски/Дејан Стоев/Борко Биџоски, Невен Силјановски.