X
 17.06.2021 Наша тема

Англискиот балетан Ендрју Кук работи и живее во Македонија: „Тука има извонредни танчари, луѓето се топли и ми помогнаа“

Звучеше како авантура. Претходно немав запознаено некој што бил во Македонија, па се пријавив на аудиција во МОБ и другото е историја! Тука дојдов во септември 2016 година, без да знам каде ќе престојувам и немав некој да ми покаже што каде се наоѓа. За среќа, многу брзо открив дека Македонците се навистина многу топли луѓе, кои секогаш ми помагаа додека се навикнував на новата околина, вели Ендрју


Работејќи во кафе-бар во Бирмингем, без моментален ангажман во својата професија како балетан, Ендрју Кук случајно го видел огласот од Македонската опера и балет и поттикнат од неговиот авантуристички дух, се пријавил, па така веќе пет години живее и работи како балетски уметник во Скопје. Ендрју потекнува од Лидс, Англија. За разлика од повеќето професионални балетани, тој релативно доцна, на 14-годишна возраст, почнал со часови по балет, откако претходно неговиот очув го заразил со танцот пуштајќи му стари филмови од Фред Астер, Џинџер Роџерс и Бинг Крозби.

- Звучеше како авантура. Претходно немав запознаено некој што бил во Македонија, па се пријавив на аудиција и другото е историја! Тука дојдов во септември 2016 година, без да знам каде ќе престојувам и немав некој да ми покаже што каде се наоѓа. За среќа, многу брзо открив дека Македонците се навистина многу топли луѓе, кои секогаш ми помагаа додека се навикнував на новата околина. Најтешкиот момент за приспособување ми беше летото. Нашите лета не се ни приближно толку топли како овие во Македонија.


Доцна почнав со балет, па учев со помали од мене во мало танц-студио

Неговите почетоци се во танцовото училиште во малото градче Отли, каде што во просторија во која едвај собирало десетмина ученици, Кук бил решен да ја научи балетската уметност најбрзо што може. Тој го следел примерот на неговите сестри, кои претходно оделе на часови во истото училиште, кога биле помлади. Потоа тој поминал три години во “Ballet West” во Шкотска, а дипломирал на Универзитетот „Нортумбрија“ во Њукасл во 2014 година.

- Јас почнав во многу мало училиште во Отли, каде што моите сестри играа кога беа помлади. Студиото беше толку мало, што едвај собираше десет ученици. Бидејќи започнав подоцна од другите танчари, имав часови со многу помали ученици од мене, но бев упорен да го научам балетот најбрзо што можам и побрзо да се надградувам. Учев во “Ballet West“ во Шкотска, а студиите ми се состоеја од 11-часовно вежбање, шест дена во неделата. Беше навистина тешко, но баш поради тоа, успеав да дипломирам на Универзитетот „Нортумбрија“ во 2014 година, кога имав 19 години, со диплома во класичен балет, со втор степен на почести.



Ова е една од физички најтешките професии, но вреди

Класиците како „Оревокршачка“, „Лебедово езеро“ и „Снежана“ се првите балетски претстави во кои Кук има настапувано како професионален балетски уметник, и тоа во Лондон. Иако има диплома во класичен балет, тој е еднакво фасциниран и од модерниот балет. Со оглед на тоа што професијата на машки балетски уметници во светски рамки е дефицитарна, тој ги охрабрува младите да ѝ дадат шанса на оваа уметност, која подоцна многу ќе им врати.

- Мојот прв професионален ангажман ми беше со компанијата “Vienna Fesval Ballet“. Се наоѓавме во Лондон и моите први претстави беа „Оревокршачка“, „Лебедово езеро“ и „Снежана“ како дел од турнејата низ цела Велика Британија. Тоа беа многу непроспиени ноќи, различни хотелски соби и многу, многу кафе! Мислам дека дел од причината за недостигот на млади балетани, не само во Македонија, туку секаде, е стигмата за професијата. Навистина би сакал да ги охрабрам младите балетани дека нема ништо срамно во балетот. Оваа професија е една од физички најтешките професии, но нема подобро чувство од играње на сцена, слушајќи го аплаузот на публиката. Тогаш знаете дека вреди сто проценти.



Тука сум на кафе со другарите, нешто невообичаено во Велика Британија

Тука е само пет години, а ова интервју го направивме на македонски јазик, што доволно говори дека Кук прилично добро се има удомено во Македонија. Со помош на неговите пријатели, а сега веќе и на неговиот личен учител, девојка му, Кук сè полесно се приспособува на животот тука. Вели дека кафињата со пријателите, кои изостанувале во Англија, му се омилена навика, а ракијата, салатата и скарата - омилено јадење.

- Верувам дека сè уште го учам македонскиот јазик и така ќе биде уште некое време! Знам доволно за да се снајдам кога нешто ми е потребно, но сè уште ми недостига дел од вокабуларот. Луѓето што најмногу ми помогнаа се оние што не зборуваат англиски. Кога некој ќе почне да зборува на англиски, многу ми е полесно да разберам, но без таа „безбедносна мрежа“ го учам македонскиот јазик многу побрзо. Омилена навика ми е да пијам кафе со другарите, затоа што тоа е нешто што не е вообичаено во Велика Британија. Сфатив дека Македонците се многу подружељубиви од нас! Омилена храна ми е скара, салата и ракија, се разбира. Кога сум излезен, најчесто играм латино во клубовите или пеам на песните во клубот „Маракана“.



- Сметам дека има многу извонредно талентирани танчари на македонската балетска сцена. Моите колеги се воедно мојата конкуренција и инспирација и секој ден се радувам што работам во МОБ. Во моментов немам конкретни планови за иднината затоа што сфатив дека плановите не секогаш се исполнуваат како што сакаме. Засега сум ангажиран со мојата работа и среќен сум што сум опкружен со моите пријатели.

Фото: Рајан Џејмс Дејвис и Александар Томовски

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема