X
 13.02.2017 Живот

Дали САД се пред целосен колапс?


Стрелка за пикадо со американскто знаме.

Отпорот кон новоизбраниот претседател Трамп би можел да резултира со генерален штрајк во САД на 17 февруари. На прашањето „кога последен пат се одржал генерален штрајк што ги парализирал САД“, информативниот сервис, Дојче веле, го наведува одговорот кој гласи: никогаш!

„Во САД не постојат генерални штрајкови“, вели историчарот и стручњак за американски општествени движења, Кевин Бојл.

Друг историчар, пак, од Универзитетот Сиракјуз, Ендрју Вендер Коен, додава дека генерални штрајкови постојат на локално ниво, но дека и тие се многу редок случај.

„Последниот голем штрајк се одржал во 1946 година во Оукланд во Калифорнија“, вели Коен.

Пред 70 години десетици илјади работници штрајкувале во борба за право на членство во синдикат. Во поновото време, во САД се одржуваат само околу 20 до 30 поголеми штрајкови, односно штрајкови на кои учествуваат најмалку 1000 вработени.

Оценката на Дојче веле е дека токму затоа што масовните штрајкови во САД се толку ретки, повиците на генерален штрајк од организаторите на Женскиот марш и други групи треба да се означат како храбар потег.

Но, се поставува прашањето: Дали генералниот штрајк може да успее во земја во која луѓето, за разлика од Европа, не само што се многу малку заштитени со законот за работни односи, туку и многу ретко се зачленуваат во некој синдикат?

„Клучното прашање е дали организаторите ќе успеат да ги убедат луѓето да ризикуваат да добијат отказ или да го искусат незадоволството од нивните работодавци“, смета Коен.

Идејата за генерален штрајк, на Бојл му се чини проблематична, бидејќи содржи предност за средната класа.

„На вработените од средната класа многу полесно им е да го напуштат работното место на саат време, отколку на луѓето од работничката класа.“

Тој, исто така, генералниот штрајк го поврзува со уште еден проблем: Ако штрајкот не биде од гигантски размери може да се протолкува како неуспех, дури и ако му се придружат многу луѓе.

Според Бојл, реално остварливо сценарио е она од 15 октомври 1969 година, кога бил прогласен мораториум на крајот на војната во Виетнам. Тој протест бил, исто така, замислен како генерален штрајк, но бил преименуван во мораториум. Наместо општ штрајк, дошло до масовни собири на различни места низ САД и ширум светот. После месец дена биле одржани и масовни демонстрации.

Се чини дека идејата за генерален штрајк ја популаризирала Френсин Проуз, книжевничка и поранешна претседателка на американскиот ПЕН, преку својата колумна во британскиот „Гардијан“. Но, таа вели: „Јас не сум организаторка, само јавно ја изнесов таа идеја (...) Сум поминала доста време во Италија и се сеќавам дека во Рим имам чекано автобус кој никогаш не стигна заради штрајк“. Причината поради која повикала на генерален штрајк, Проуз вели дека е многу едноставна: „Дел од мене мисли дека парите и трговијата се единственото нешто за кое се грижат овие луѓе на власт. И затоа, можеби, еднодневниот општ штрајк е единственото нешто што може да ги погоди“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот