X
 22.02.2017 Живот

Нема избори во Конго годинава, прескапи биле


Претседателот на Конго

Иако 2017 е изборна година во Конго, постојат индиции дека долгоочекуваните избори сепак нема да се одржат. Причина за тоа се огромните трошоци за организција, пишува Вашингтон пост.

„Тешко дека ќе можеме да обезбедиме 1,8 милијарди долари оваа година“, вели Пјер Кангудиа Мбаи, министер за финансии на Конго. Оваа цена на изборите е проценка на Независната државна изборна комисија на Конго (CENI).

Тие истакнуваат дека се работи за средства кои се потребни за регистрација на повеќе од 30 милиони гласачи во оваа голема земја, со многу лоша патна инфраструктура. Комисијата уште на крајот на минатата година ја отвори дилемата дали ќе успеат да ги регистрираат сите гласачи пред 2018. Ова образложение со сигурност нема да биде прифатливо за критичарите на сегашниот лидер Жозеф Кабила, кој е на власт уште од  2001 година, кога го наследил својот татко Лорен Кабила.

Иако Кабила го завршил својот втор мандат уште во ноември 2016 година, а уставот на Конго не дозволува три последователни мандати, тој одбил да ја напушти функцијата сè до избор на нов претседател.

Одложувањето на изборите минатата година предизвикало политичка криза во земјата, со насилни протести, а во судирот меѓу полицијата и протестирачите, загинале над 20 лица. Тогаш бил постигнат договор за одржување на претседателски избори до крајот на 2017, но најавите на министерот Мбаи упатуваат дека се подготвува ново одложување.

Конго не е изолиран случај на држава каде постои сериозен проблем со самоволието на лидер кој не сака да отстапи од функцијата. Всушност, на целото подрачје на субсахарска Африка па и на целиот континент, државите се соочуваат со лидери кои се обидуваат да ја задржат власта со години, кршејќи ги притоа сите демократски процедури.

Напнатоста меѓу приврзаниците на Кабила и неговите опоненти дополнително се зголеми по смртта на лидерот на опозицијата Етиен Чисекеди минатиот месец. Државата се соочува со големи економски проблеми и огромен процент на сиромаштија.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот