Независни новинари го „ископале“ документарниот филм под наслов „Загрижувачка клима“ (
Climate of Concern), каде изненадувачи прецизно се објаснуваат заканите од климатските промени. Откритието на онлајн новинарската платформа
Correspondent од Холандија, само по себе и не е некоја вест, но вест е дека документарецот е снимен во 1991, по налог на една од најголемите мултинационални нафтени компании -
Shell.
Во текот на сите 26 години од снимањето на филмот каде до детаљ се предвидени сите последици кои ги чувствува светот денес, а се резултат на неодговорното однесување на човекот кон природата,
Shell инвестираше милијарди долари во истражувања и експлоатација на некои од најтешките загадувачи на атмосферата со јаглероден диоксид, и тоа не само во нафтени наоѓалишта туку и во катрански песок.
Имено, самото производство на нафта од такви извори бара трошење на големи количини енергија, а како последица од тоа се ослободуваат енормни количества јаглероден диоксид во атмосферата и така се предизвикува глобално затоплување на планетата. Екстремните временски неприлики, поплави, бури, глад, бегалци, пораст на глобалната температура, подигање на морското ниво... сето ова е наброено во документарниот филм на
Shell од 1991 година, а како главен предизвикувач се потенцираат фосилните извори на енергија.
„Ако во машинеријата на временските прилики внесеме толку високи нивоа на нова енергија, ниту една земја во светот нема да може да ги избегне последиците... Само акција, сега и веднаш, може да се смета за единствено вистинско решение“, се наведува во филмот.
Shell денес инвестира и во обновливи извори на енергија и во проекти за заштита на природната средина, но тоа е само минорен дел од износите кои ги насочува кон сите останати деловни активности.
Дополнително, не треба да се заборават ни износите што
Shell и другите нафтени гиганти ги издвојуваат за проекти каде климатските промени се минимизираат и се релативизираат, а понекогаш – и се негираат.
Филмот можете да го погледнете тука.