X
 11.03.2017 Култура

Искусна приказна која нема да ја слушнат луѓето

Марк Рентон се враќа во Единбург по 20 години поминати во Амстердам. На влезот во градот го пречекуваат секси промотерки со слоганот: „Добре дојдовте во Единбург!“ Кога ја прашува девојката од каде е, таа му вели: „Од Словенија“. Марк збунет се врти наназад и продолжува накај дома, целиот во неверување дека Источноевропејки го претставуваат неговиот град.



Во кастингот, една од главните улоги е Бугарка. Тоа е девојката на Сајмон (Сик бој) и од самиот избор на овие два лика, можеме да забележиме кој е начинот на кој главните мангупи гледаат на нас, но тоа не е сега тема на муабет.

Нашата тема не е ни да го прераскажеме филмот. Нема да го фалиме, ниту да го критикуваме. Секој има право на сопствен поглед кон платното и сопствена верзија на тоа што го гледа.

Но, тоа што оваа приказна го нуди е нешто бесценето. Оваа приказна се издвојува со тоа што истакнува една голема вистина.

Дејството на филмот се карактеризира со долгометражни разговори за успехот и неуспехот на другарите, за годините поминати заедно како и одвоено, за пропаднатиот брак на Рентон, за кариерата во обид на Сајмон (да стане голем макро), за неуспешниот обид на Спад да се скраси со жена и дете и да креира семејство, како и Френсис Бегби кој логично завршува во затвор. Разговарајќи со својот адвокат околу можноста за жалба и условна пресуда, Бегби меѓу другото вели: „Не сум билбиско растение кое ќе живее 1.000 години“.

Разговорите одат по сите ќошиња. Се превртуваат сите животни теми. Зависноста, можностите и предавството, како и љубовта и другарството. Рентон објаснува дека е лесно да се исфрли херионот од телото, но потешко е да се исфрли зависноста од мозокот. Потребно е канализирање на зависноста. Тој го наоѓа решението во зависност од нешто друго – трчањето.

Понатаму се прикажува пропаѓањето на општеството. Филмот не ја штеди ни Европската Унија и нејзините инвестициски фондови. Се разбира дека паметни момци како Рентон и Сик бој, сигурно ќе ја прелажат комисијата и ќе добијата 100.000 фунти за изградба на едукативен центар, кој всушност треба да биде бордел.

“Чуз лајф” е детаљно објаснета. Сите треба да одберат нешто во животот што ќе им биде водилка. Но, бистрите умови знаат дека кога тогаш ќе се соочат со реалноста. А тоа е всушност она што е тешко. Соочувањето со реалноста.

Без разлика дали е некој образован, паметен, глупав, богат, сиромашен, начитан или неписмен, курва или чесен, секој еден кога тогаш во животот ќе се соочи со реалноста. Имено, човечкиот мозок не може да се сопре. Тој размислува и сонува. А сонува секогаш најубаво. Сонува за иднината, за убави работи, за промени, за убави нешта. (Слично е и со хероинот).

А, кога ќе се соочите со вистината, е тогаш нема бегање. Тогаш боли. Болат годините кои поминале. Болат пропуштените прилики, боли корупцијата која ве осиромашува и остава без работа. Боли душата.

Решението е претставено во последниот кадар. Рентон се враќа во својата „детска” соба каде ги помина најтешките денови при откажувањето и почнува да игра на „Lust for life” од Иги Поп, сега во преработка на Продиџи. Последниот кадар објаснува сѐ. Тој е смислата на животот. Без разлика што се случува и колку боли, без разлика колку сте паметни или имате пари, некои работи едноставно не можете да ги решите. Сѐ што ви преостанува е да се сакате себеси и да го пронајдете својот мир. Рентон го наоѓа во песните од детството, во музиката и во играњето.

Играјте и вие! Играјте и уживајте :)

Филмот е на репертоарот на Синеплекс

Пишува: Мирко Тодоровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура