„Bird Box“ е одличен пример како Американците можат да уништат одлична идеја во која вложиле милион долари. Најгледаниот филм на „Нетфликс“ од премиерата до денес е тема број еден. Добивме луд и опасен предизвик што нѐ тера да се запрашаме - до каде оди човечката глупост?
Жена со две деца тргнува на опасен пат. Тие бегаат со затворени очи од морничаво невидливо чудовиште што луѓето ги наведува да извршат самоубиство преку сетилото за вид.
Откако мистериозната сила ќе ја уништи речиси целата светска популација, оние што преживеале можат да бидат сигурни во едно: ако ја видат, ќе им го одземе животот. Дејствието ја следи Мелори (Сандра Булок), која со двете деца тргнува низ опасно дводневно патување низ дивата река за да стигне до местото што би можело да им послужи како засолниште.
Низ филмот, Мелори постојано вика: - Не вади го превезот. Не вади го превезот што и да слушнеш, што и да се случи. Не вади го! Ако го извадиш, готово е, ќе те убие!
На социјалните мрежи се коментираат детали на кои луѓето се смеат - Сандра Булок весла 42 часа без прекин, возење со превез со помош на Џи-пи-ес до супермаркетот, моментот во кој емотивната Сандра на децата им дава имиња... Навистина не е јасно како успеал да предизвика толку реакции покрај сето она што денес се нуди.
И понатаму има неколку прашања - како почнале масовните убиства, како Мелори не добила нагон да се убие кога ја погледнала в очи веќе опседнатата родена сестра и како Мелори останала жива и здрава и по превртувањето во автомобилот и двете паѓања на стомак, имала совршено нормална бременост? Како фризурата на Том пет години по апокалипсата остана совршена, како птиците преживеале во картонската кутија натопена со вода?
И сега не знам што да мислам за овие луѓе што низ светот го изведуваат предизвикот „Bird Box“, врзувајќи си ги очите и обидувајќи се да видат како ѝ било на Сандра, со превез преку очите поминувајќи го денот. И „Нетфликс“ предупреди: - Луѓе, тргнете го превезот од очите, ќе се повредите и ќе завршите во болница.
Некои од луѓето ги извршуваат задачите со врзани очи, други така одат по улица или низ дома. Постојат и предизвици што траат 24 часа.
На видеото група луѓе шетаат низ Њујорк со врзани очи. Еден маж трча и паѓа на скалите на влезот во метрото.
Овој татко исто така има „генијална“ идеја кога им ги врзал очите на децата и себеси и трчал низ дома.
Дали е реално дека некој треба да им каже на луѓето дека е подобро да не трчаат низ животот со врзани очи? Изгледа е. Дали е реално американски филм со Сандра Булок да биде главна тема овие денови? Да. Дали ни е потребно нешто подобро? Дефинитивно.
Автор:
Ивана Стојанов