Сè уште во Македонија светскиот рокенрол не се сфаќа и не се разбира сериозно. Не знам зошто е така кога дури и Скорсезе, па и Бруно Ганц има највисоки комплименти за уметноста на „Битлси“, „Ролинг стонс“ и се разбира „Секс пистолс“ и „Клеш“.
Во една пригода го прашале Пол Макартни дали нивната музика ја разбира под култура. Тој смеејќи се, одговара дека сè тоа e „само добро смеење”, но тоа е 1963/64 година, а оттогаш работите многу се сменија.
Влијанието на рокенролот врз модерниот живот е фантастично. Немаше денес да има хипстери ако немаше бит во 50-тите, хипи во 60-тите, панк во 70-тите, пост и дарк во 80-тите, гранџ и електроника во 90-тите итн.
Развојот на мислата во музиката најдобро се гледа кај „Клеш“.
Почнувајќи со првиот албум “Carrier opportunities”, Џо Страмер пластично претставува дека можностите не тропаат на врата (never gonna knock).
“Carrier opportunities the ones that never knock
Every job they offer you is to keep you out the dock”
Целиот систем на старт ап, во кој „Вие не треба да прашувате што државата може да направи за вас, туку што вие може да направите за неа“, е сместен во овој текст. Од една страна е правилно да не барате работа, каде што ќе ве стават надвор од главните случувања (out the dock), туку со старт ап да си ја најдете среќата. Уште ако добиете и субвенција, вие сте на коњ.
Но, неодговорната политика како да си најде оддишка во стартап-системот. Таа веќе не мора да се труди да го вработува населението (освен партиските војници, се разбира), туку ќе промовира реедукација, доживотно учење (што во принцип не е лошо, но не одговара на потребите) и разни такви глупости.
Во “Clampdown” од London calling каде што прашува: „Како можеш да не се сложиш дека владите служат за да паѓаат“ ја има и следнава строфа.
“The voices in your head are calling
Stop wasting your time, there's nothing coming
Only a fool would think someone could save you
The men at the factory are old and cunning
You don't owe nothing, so boy get runnin'
It's the best years of your life they want to steal”
Никој никому не должи ништо и секој треба да ги оттргне своите сенки што го прогонуваат. Само будалите се потпираат на измислени големини, а медитацијата се наѕира во пораката.
Малку е познато и дека садењето дрвја е исто идеја која потекнува од Џо Страмер. Како голем и популарен музичар, учествува на некоја конференција на Обединетите нации каде што се расправа на темата за чист воздух и екологија. Човекот, енергетски каков што бил, рекол: „Ајде да правиме нешто, ајде да не стоиме со скрстени раце, ајде да садиме дрвја“. И така почнуваат акциите за садење дрвја насекаде.
Не ми се веруваше дека во Македонија добивме и неработен ден, а неговото име не беше споменато никаде.
RIP Џо Страмер со преработката на Боб Марли
“won’t You help to sing the song of freedom”
Пишува: Мирко Тодоровски
Сите колумни на Мирко на
овој линк