X
 15.03.2017 Култура

Запознајте го европскиот Доналд Трамп

tramp

Популистичката холандска Партија за слободата има добри шанси после изборите во среда да стане најсилната партија во парламентот.

Иако тие можеби нема да можат да формираат влада, сепак нивните идеи се шират сè повеќе и повеќе.

На 15 март, во среда, во Холандија се одржуваат избори за нов парламент. Според анкетите, моментално води популистичката Партија за слобода, а позади неа се либералите од Народната партија за слобода и демократија. Со оглед на победата на Доналд Трамп во Америка, Брегзитот и растечкото популистичко антимиграциско движење во Европа, лидерот на Партијата за слобода, Герт Вилдерс на големо зборува за „патриотска пролет“.

„Тоа е застрашувачко. Се надевам дека анкетите грешат“, вели Марлен Бројкер, холандски просветителски работник.

Герт Вилдерс, кој инаку поради маркантните фризури го нарекуваат „холандскиот Трамп“, не заостанува позади неговиот идол од Америка кога станува збор за изборната кампања и неговата лична интерпретација на случувањата во светот која ја споделува преку Твитер.

„Тоа на некој начин му обезбедува некоја предност, и го привлекува вниманието на медиумите“, вели Сара Ланге, професорка на Универзитетот во Амстердам која својата докторска теза ја посветила на деснопопулистичките партии во Западна Европа. „На тој начин, Вилдерс има можност на гласачите постојано да им ги соопштува своите идеи“.

И Крис Албертс од Универзитетот Еразмус во Ротердам специјализирал за популизам. Тој смета дека Вилдерс многу ги имитира другите луѓе.

„Програмата на Партијата за слобода има само една страница“, вели Албертс. „Таа е доста доследна и во неа постојано се повторува истото“, додава тој.

Сепак, Албертс верува дека политичките мерки на Доналд Трамп како што е забраната за влегување во Америка на луѓето од повеќето муслимански земји, за Вилдерс би дошле одлично. „Со тоа тој може да каже: „Видете, и некој друг го прави тоа“.

Рајмон во 2012 година гласал за Вилдерс. Денес тој вели: „Задоволен сум што Вилдерс сака повеќе пари да вложи во здравството, меѓутоа ми пречи тоа што го поддржува Трамп и сака да излеземе од ЕУ. Тој повеќе не е моја партија. Освен тоа, скоро сите партии ја исклучија можноста за коалиција со Вилдерс. Зошто тогаш би гласал за него?“

Ниту премиерот Марк Руте од Народната партија за слобода и демократија нема план повторно да влезе во коалиција со партијата на Вилдерс. Во 2010 година, партијата на Вилдерс ја поддржала неговата влада. Но, Крис Албертс предупредува дека не треба да му се верува на Руте. „Неговите ветувања не вредат. Околностите секогаш може да се променат“.

Според информациите од Институтот за истражување на избори „I&O Research“, 77% од гласачите во Холандија сè уште се неодлучни. Истражувањето, спроведено заедно со дневниот весник „Volkskrant“ и Универзитетот во Амстердам покажува дека една петтина од гласачите, и тоа оние кои не би гласале за партијата на Руте, размислува за тоа му дадат глас на Руте, од стратешки причини - за да го спречат Вилдерс да победи.

Според научниците Де Ланге и Албертс, повеќето умерени партии, кога станува збор за населувањето, исламот и Европската Унија, презеле некои теми од Партијата за слобода. Па така Руте неодамна во весниците објави отворено писмо - оној кој не е подготвен да се однесува „нормално“ и да ја прифати холандската култура, нека ја напушти земјата.

„Би било политичко самоубиство некоја партија да се приближи до ставовите на партијата на Вилдерс“, вели Албертс додека Де Ланге сумира: „Сеедно колку пратенички места ќе освои Вилдерс и дали ќе биде дел од владата: неговото влијание сепак ќе се чувствува“.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура