Откако ширум светот одекна веста дека во „Најк“ го дизајнираа првиот спортски хиџаб за сите жени од муслиманскиот свет кои сакаат да вежбаат, а да не ги прекршуваат правилата на својата вера, многубројни припадници на либералното западно општество почнаа да повикуваат на бојкот на оваа компанија.
„Се колнам, после ова нема никогаш повеќе да купам нити еден производ од „Најк“ – се коментарите од сите страни на западната хемисфера.
За потсетување, минатата недела оваа компанија ја извести јавноста за првиот спортски хиџаб кои планираат да го пуштат во продажба дури од 2018 година а кој, рака на срце, развесели голем број жени од муслиманска вероисповед, особено оние кои тренираат некаков спорт.
Главните ѕвезди кои соработуваа со „Најк“ на овој производ се лизгачката на мраз, Захра Лари и Амна Ал Хадад, натпреварувачка во кревање тегови, која на промоцијата на новиот хиџаб, напиша отворено писмо:
„Свесна сум дека овој хиџаб ќе предизвика измешани чувства во јавноста, но вие морате да знаете дека сè повеќе жени од муслиманскиот свет сакаат да тренираат и да се натпреваруваат, а да не ги нарушуваат правилата на својата вера. Тоа е она за кое се бориме, ние жените кои сакаме да добиеме можност да застанеме заедно со сите спортисти, а притоа да ја заштитиме својата коса и главата како што ни налага верата. И затоа, ја давам својата поддршка на овие напори на Најк, затоа што сметам дека со ова уште повеќе жени ќе посакаат послободно да влезат во светот на професионалниот спорт“, е дел од пораката на Ал Хадад, што ја објави на својот Инстаграм профил.
Но прашањето е дали светот е навистина подготвен за вакви чекори?
Што се однесува до Американците, таму оваа идеја всушност е дочекана „на нож“.
„Ако Американците не поддржуваат никакви верски покривки за глава, тогаш зошто тоа го прават во Најк?“, се прашува јавноста, и повикува на општ бојкот.
„Секој нека прави што сака, живееме во либерален свет во кој и ние на запад се обидуваме да се избориме за жените од истокот да не мораат да ги покриваат своите глави, па тогаш зошто би морале сега да ја поддржиме оваа луда идеја на
Најк.“
„Најк со овој потег всушност застана на страна на исламот и стогодишното муслиманско подјармување на жените, и не сметаме дека со ова се праќа добра порака“, се само некои од коментарите кои циркулираат по социјалните мрежи во врска со овој настан.