Смртоносната комбинација од суша, глад и граѓанска војна, покрена еден цел народ да тргне на пат без повраток. Ситуацијата во Јужен Судан е окарактеризирана како најбрзорастечка бегалска криза во светот од страна на Обединетите нации, по објавувањето на податокот дека само за осум месеци, земјата ја напуштиле 1,6 милиони луѓе.
Високата комисија за бегалци при ОН, УНХЦР, истакнува дека податоците се алармантни и додава дека бројот на луѓе кои ја минуваат границата кон соседна Уганда, во текот на февруари пораснал од 2.000 на 6.000 дневно.
„Брзината на иселување е алармантна и претставува неиздржлив товар за регионот кој веќе значително е посиромашен и кој сè побрзо останува без потребните ресурси што се неопходни... Ситацијата е критична“, изјави портпаролот на УНХЦР, Бабар Балок.
Агенцијата при ОН сè уште бара средства за помош на
бегалците од Јужен Судан, со оглед дека добиле само 8% од ветените 781,8 милиони долари.
Шефот на хуманитарната организација на ОН, Стивен О’браен, после посетата на Јужен Судан наведе дека гладот е предизвикан од човечки фактор заради тригодишната граѓанска војна во оваа „најмлада“ земја во светот.