X
 23.02.2019 Наука

Климатските промени ги туркаат очајните диви животни во територијата на луѓето

Десетте најтопли години за кои има податоци биле во текот на изминатите две децении, а највисоките температури на глобалните океани биле забележани во 2018 година. Климатските промени се тука и веќе прават штети.

Поларната мечка е само една од безбројните жртви во овој свет кој се затоплува. Се смета дека ако глобалните температури продолжат да се зголемуваат просечно по 4,5 степени од прединдустриските времиња, што е многу веројатно дека ќе се случи ако не направиме ништо за да ги редуцираме емисиите на јаглероден диоксид, половина од дивината во светот може да ја снема од местата со најголем биодиверзитет.

Бидејќи сè повисоките температури на океаните ги топат ледените површини, поларните мечки мора да бараат нови области каде што би можеле да најдат храна и затоа 52 поларни мечки „нападнаа“ еден руски град во текот на овој месец, барајќи го својот следен оброк. Локалното население беше исплашено да излезе надвор и тоа поради добра причина: поларните мечки можат и ловат луѓе.

За жал, климатските промени само ќе ги зачестат овие негативни интеракции меѓу луѓето и дивината. Уште отсега, додека Австралија се загрева, дивината бара засолниште во градовите. Кенгурите одат во населените места во потрага по храна, а локалното население ги мие лилјаците за да ги заштити од преголемото затоплување.

Во Јужна Африка сè почестите суши ги однесоа жедните слонови во селата. Повеќето диви животни не сакаат да бидат блиску до луѓето, па нивните упади во нашите животи покажуваат колку се тие очајни.

Како што климатските промени почнуваат да влијаат врз луѓето, така веројатно ќе станеме помалку толерантни на ваквите видови конфликти со дивината. Сиромашните африкански селани, чија жетва била уништена од стадо гладни слонови, тешко ќе бидат обвинети затоа што сакаат да се ослободат од проблемот со убивање на животните.

Но, за жал, кај слоновите, како и повеќето други видови, веќе има опасни опаѓања на бројноста и тоа е речиси само поради човечките активности.

Фото: Popular Science

Климатските промени ќе ги влошат конфликтите за природните ресурси меѓу различни и исти видови - вклучително и меѓу луѓето.

Има и ефективни методи за да се намали штетата предизвикана од дивината. Технички работи можат да помогнат во краткотрајното ограничување на директниот конфликт меѓу дивината и луѓето.  

Но, за да можеме вистински да се посветиме на решавањето на проблемот, мораме да се фокусираме на коренот, односно главната причина. Емисиите на јаглероден диоксид мора да се редуцираат - не само за доброто на дивината, туку и за преживувањето на луѓето. Живеалиштата во дивината мора да се заштитат за да постои сигурност дека животните имаат простор и храна и дека не треба да влегуваат во просторот каде што живеат луѓето. Исто така, општествата мора да посветат внимание на нивната незаситна побарувачка за природни ресурси, да ги намалат преголемата консумација и преголемиот отпад.

Сето ова е полесно да се каже отколку да се направи. Без политичка волја и доволно финансии, сето ова е осудено на неуспех. Глобалните лидери мора да дејствуваат, а треба да ги притиснат и обичните луѓе да дејствуваат.

Немаме друга планета, но немаат ни останатите 8,7 милиони други видови што живеат на оваа планета.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука