X
 26.03.2017 Култура

„Авантурите на Аладин“ магија за децата, Коцев се надмина себе си!

Од моментот на појавување Сашко Коцев ја донесе публиката во делириум (со музиката од Poison на Алис Купер), па во секоја наредна реплика. Тој му даде сигурност на сцената и на помладиот колега Александар Михајловски, кој го игра Аладин.



Децата се сериозна публика или публика која треба најсериозно да се сфаќа во секоја културна институција, посебно во театар. Таа знае што е добро, а што не, знае кога треба да се насмее, а кога да негодува и тука нема лажни аплаузи, овации, делење комплименти незаслужено. Послушајте ги нивните реакции и ќе знаете дали театарската претстава што сте ја создале, била добра. Судејќи според реакцијата на детската публика, но и на возрасните кои ја проследија премиерата на „Авантурите на Аладин“ во Македонскиот народен театар, детската сцена на МНТ се збогати со едно вредно театарско остварување наменето пред сѐ за детската публика, но и за возрасните. Мисијата за придобивање нова детска публика МНТ ја започна лани со „Силјан шанца“ на Срѓан Јаникијевиќ (одлично реализирана!), а сега ја продолжува со светски популарната тема од „1001 ноќ“, приказната за Аладин, големиот сонувач. Приказната како создадена за денес, создадена да ги поучи децата, а богами и возрасните дека треба да сакаат со срце, да го заборават материјалниот свет барем за момент, да се борат за тоа што го сакаат, тогаш кога искрено го сакаат, ама без при тоа да повредат луѓе наоколу.


Полетна актерска екипа, режисерски концепт кој е современ, актуелен и многу забавен, магија на сцената, за што децата долго прашуваа – „А, како тие летаа на килимот“, „Како се движеа облаците“, „Како џинот се гледаше на сцената се гледаше два пати“...
Бојан Трифуновски е режисер кој има свој специфичен печат, тој е автор кој многу често се зафаќа со тематика што е позната, во која сака да се втурне и да ја адаптира и да додава свој шмек, често користејќи филмски елементи. Во случајов на „Авантурите на Аладин“, Трифуновски се потрудил да биде забавен и за возрасната публика, вклучувајќи музички рефрени кои публиката лесно ги препознаваше и одлично реагираше.



Во своите две последни претстави актерот Сашко Коцев игра во претставите на Трифуновски. Во „Нешто пропуштаме“ без него претставата ќе беше нешто друго, а исто ќе се случеше и со ликот на лошиот волшебник Џафар, кој во „Авантурите на Аладин“ стана Абеназер Велики. Неговиот лик го задржа најголемото внимание на публиката, од моментот на појавување ја донесе публиката во делириум (со песната Poison од Алис Купер), па во секоја наредна реплика. Коцев му даде сигурност на сцената и на помладиот Александар Михајловски, кој го игра Аладин. Актерскиот сензибилитет на Михајловски е како создаден за улоги на авантуристички слободоумни ликови каков што е Аладин, а каков што беше и Силјан Штркот.  Џасмин одлично ѝ прилега на Дарја Ризова, која од улога во улога станува сѐ посигурна актерка. Никола Ацески како Џинот и Камка Тоциновски, како мајката на Аладин создадоа одлични улоги!

„Авантурите на Аладин“ е целосно визуелно спакувана претстава. Од такви дела не се ни очекуваат невпечатливи костими (за кои се погрижија Антонија Гугинска-Јорданоска и Елена Вангеловска) и сценографијата на Илина Ангеловска. Една од главните улоги во претставата ја имаше токму композиторот Џијан Емин, најсоодветниот музичар кај нас кој можеше да компонира на оваа тема.

„Авантурита на Аладин“ не е претстава само за децата. Таа е за сите оние кои не сакаат детето да порасне во нив!
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура