X
 06.04.2017 Живот

Германија: Казна и до 50 милиони евра за „лажни вести“

Германската влада одобрила казни кои достигаат и до 50 милиони евра за социјалните мрежи кои не реагираат не ги отстрануваат „лажните вести“ и говорот на омраза.

фото извор: GettyImages

Казните се предвидени за онлајн платформите како што се „Facebook“ и ќе се изрекуваат доколку таквите платформи не реагираат доволно брзо и ефикасно на проблематичната содржина.

Во прашање се законски решенија со кои германските власти се обидуваат да ги примораат компаниите кои управуваат со социјалните мрежи, да ги применуваат постоечките германски закони кои се однесуваат на кривичните дела поттикнати од омраза и други спорни прашања.

Со новиот закон ќе се бара од компаниите да ја означат спорната содржина и воедно да ја избришат доколку се заклучи дека се работи за детска порнографија, поттикнување на тероризам или се објавуваат „лажни вести“.

Германските власти сметаат дека е неопходно да се преземат мерки во врска со ова прашање, со кое во блиска иднина би се бавела и Европската Унија. Со законските решенија, предвидена е и индивидуална одговорност, па директорите на компаниите ќе ризикуваат да добијат казна и до пет милиони евра доколку не се придржуваат кон мерките. Законот ќе мора да биде одобрен и од пратениците во Бундестагот.

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот