X
 16.08.2018 Култура

Нов Зеланд им „застана на патот“ на светските богаташи



Нов Зеланд усвои закон кој забранува странци да купуваат куќи во оваа земја, која се обидува да ги намали цените на недвижностите.

Досега пазарот на недвижности на Нов Зеланд беше отворен за инвеститори од целиот свет, но вчера владата го усвои законот според кој само жителите на државата ќе можат да купуваат станбен простор, пренесува „Асошиејтед прес“.


Нов Зеланд
(Фото: Pixabay)


Претходните години имаше многу анегдоти дека богаташите од Силициумската долина купуваат имоти во руралните подрачја од Нов Зеланд како прибежиште во случај на каква било катастрофа, затоа што се смета дека оваа островска држава е најоддалечена од остатокот од светот, па нуди и најголеми шанси за опстанок.

Исто така, постојат и гласишта дека богатите Кинези плаќаат повеќе од локалните жители за купување станови во предградијата на Окленд.

Статистичките податоци покажуваат дека околу 3 проценти од куќите во Нов Зеланд им се продадени на странци, но констатиран е и пораст од 5 проценти во живописниот регион на Квинстаун и околу 22 проценти во Окленд.

Минатиот месец Меѓународниот монетарен фонд соопшти дека Нов Зеланд би требало да ја преиспита забраната, наведувајќи дека е мала веројатноста дека ќе ги намали цените на недвижностите.

Владата тврди дека не постои сомнеж дека странците ја подигаат цената на недвижностите. Со новиот закон се исполнува ветувањето од кампањата на владата предводена од либералите, која на власт дојде минатата година.

Странците со постојано живеалиште во Нов Зеланд и натаму ќе можат да купуваат куќи и станови, како и луѓето од Австралија и Сингапур, бидејќи со тие земји Нов Зеланд има спогодба за слободна трговија.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура