Корисниците на пребарувачот „Гугл“ наскоро ќе може полесно да ги препознаваат доверливите медиумски извори при пребарувањето. Резултатите што се цитирани во други извори ќе бидат означени од страна на пребарувачот.
Според „Гугл“, ваквата ознака ќе ја имаат авторитативни и локални текстови кои биле меѓу првите што пишувале на темата. Оваа ознака ќе се наоѓа во делот „Топ-приказни“ (англ. Top stories), кој се појавува најгоре во резултатите кога се пребаруваат вести на „Гугл“. Ознаката може да се појави на секакви медиумски објави кои ќе бидат цитирани од други извори, изјавиле од „Гугл“.
Фото: Pixabay
Пребарувачот најавил и прикажување совети за наоѓање доверливи информации за вонредните вести или темите што се популарни, односно во текстови во кои објавите се менуваат поради нови информации. Со промените, кога ќе пребарувате вакви вести на „Гугл“, пребарувачот ќе ви понуди совети за верификување на изворот.
„Гугл“ ќе ги поттикне корисниците да ги проверат изворот, датумот на објавата и да се вратат повторно на веб-страницата кога ќе има нови информации.
Ознаката за цитирани извори треба да почне да се применува во наредните недели, а советите од „Гугл“ за проверката на изворите треба веќе да се во употреба.
Извор:
Cnet
Насловна фотографија: Pixabay