Марија Склодовска Кири, мајката на модерната физика, почина од апластична анемија, ретко заболување кое настанува со губење на прекурсорите на крвните клетки, што таа го добила како резултат од преголемата изложеност на радиоактивните елементи, полониум и радиум.
И денес, повеќе од сто години откако таа заедно со својот сопруг Пјер Кири го открија новиот елемент полониум (наречен според татковината на Марија, Полска), сите нејзини предмети – облека, бележници, мебел, лабораториски белешки сè уште се радиоактивни и такви ќе останат уште најмалку 1.500 години.
Со оглед на тоа што имаат третман на национални и научни вредности, сите овие предмети се затворени во безбедносни кутии и се наоѓаат во француската Национална библиотека. Сепак, библиотеката им дозволува пристап на љубопитните и на истражувачите, кои претходно ќе потпишат документ за лична одговорност за можните последици. Освен тоа, задолжително е и носење на заштитна облека, затоа што предметите се контаминирани со радиум 226, чиј период на полураспаѓање изнесува дури 1.600 години!
(
Фото: Wikipedia)
И посмртните останки на Марија Кири сè уште се радиоактивни и затоа се чуваат во посебен ковчег кој е изработен од олово со дебелина од 2,5 сантиметри.
Марија и Пјер Кири знаеле дека полониумот и радиумот се радиоактивни, но во тоа време не знаеле за големината на опасноста од таа појава. И двајцата користеле само стандардна лабораториска облека, а радиоактивните материјали ги носеле и во својот дом, кои според автобиографијата на Марија, ноќе светеле.
По нејзината смрт, нивната куќа сè до 1978 година ја користел Институтот за нуклеарна физика на Универзитетот во Париз. Станот бил под постојан надзор, но по некое време властите ја сфатиле потенцијалната опасност откако стапката на заболени од карцином кои живееле во соседството, нагло пораснала, а лабораторијата заедно со домот на семејството Кири биле деконтаминирани во 1991 година.