X
 01.04.2023 Наука

Создадено првото ќофте од мамут во светот, но никој не смее да го јаде

Научниците неодамна создале џиновски кофтиња направени од лабораториски одгледувано месо на изумрен волнен мамут. Тие велат дека протеинот од минатото го покажува патот за идната храна.

Ќофтето било направено од австралиската компанија „Вау“, а било изложено во научниот музеј НЕМО во холандскиот главен град, Амстердам. Но, тоа сè уште не смее да се јаде бидејќи за протеинот стар илјадници години потребно е безбедносно тестирање пред луѓето да можат да го внесат.

- Го избравме месото од волнен мамут бидејќи тоа е симбол на загуба, вид избришан од климатските промени. Ќе се соочиме со слична судбина доколку не промениме нешто - вели Тим Ноаксмит, коосновач на „Вау“.

Одгледано во период од неколку недели, месото било „култивирано“ од научниците кои први ја идентификувале секвенцијата на ДНК за миоглобинот на мамут, клучен протеин кој му дава вкус на месото.



Каков вкус има месото?

- Не би го јадел сега бидејќи овој протеин не сме го виделе 4.000 години - вели Ернст Волветанг од Австралискиот институт за биоинженеринг на Универзитетот во Квинсленд, кој работел со „Вау“ на проектот.

- Но, по безбедносното тестирање, би сакал да знам каков е вкусот - додава тој.

Кристофер Брајант, британски експерт за алтернативни протеини, вели дека потенцијалните љубители на лабораториско месо нема зошто да се плашат од одгледувано месо.

- За разлика од конвенционалното месо, кое доаѓа од валкани и непредвидливи животни, култивираното месо се произведува со екстремна прецизност. Поради ова, култивираното месо ги избегнува патогените кои се пренесуваат преку храната, антибиотиците и другите загадувачи кои често се наоѓаат во месото од животните - вели тој.

Потенцирањето на врската помеѓу климатските промени и идната храна на ќофтињата од мамут доаѓа кога глобалната потрошувачка на месо е речиси двојно зголемена во споредба со раните 60-ти години, според бројките на Организацијата за храна и земјоделство на ОН.

Се предвидува дека потрошувачката на месо ќе се зголеми за повеќе од 70 отсто до 2050 година, а научниците сè повеќе се насочуваат кон алтернативи, како што се месото од растително потекло и месото одгледано во лабораторија.

Извор: Science Alert
Фото: Aico Lind/www.studioaico.nl
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука