Научниците веруваат дека предвидувањата за подигнувањето на нивото на светските мориња како последица од глобалното затоплување се погрешни и дека ситуацијата, со оглед на забрзаното топење на мразот на Северниот и Јужниот Пол, всушност е уште поалармантна.
Долго време се веруваше дека нивото на светските мориња до 2100 година, поради топење на мразот на половите, би можело да се подигне за помалку од метар. Но, новото истражување, базирано на мислењето на експертите, носи нова проекција на порастот на нивото на морето, а таа е всушност двапати поголема за истиот период.
Авторите на истражувањето веруваат дека во ваквите сценарија стотици милиони луѓе би останале без покрив над главата и дека би морале да се преселат од крајбрежните делови во внатрешноста.
Со цел да се добие појасна слика за опасноста од зголемувањето на нивото на океаните поради топењето на мразот, научниците спровеле таканаречен „структуриран суден ден“, во кој го направиле предвидувањето базирано на нивните знаења и разбирање на процесите на Гренланд, западен и источен Антарктик.
Фото: Jonathan Bamber
Истражувачите сметаат дека ако продолжи сегашната стапка на емисии на стакленички гасови во атмосферата, нивото на океаните до 2100 година би можело да порасне помеѓу 62 и 238 сантиметри. Станува збор за најцрните предвидувања од овој вид досега и ниво на глобално затоплување од 5 Целзиусови степени.
За 2100 година тоа значи дека ледената прекривка на половите ќе го подигне нивото на морето помеѓу 7 и 178 сантиметри, но кога на сето тоа ќе се додаде и топењето на глечерите и ледените прекривки надвор од поларните кругови и термалното ширење на морето, оваа бројка надминува 2 метра, вели авторот на истражувањето, професор Џонатан Бамбер од Универзитетот во Бристол.
Авторите на истражувањето веруваат дека копнената маса во светот ќе се намали за приближно 1,79 милион квадратни километри, односно колку област со големина на Либија. Поголемиот дел од загубата на оваа копнена маса би се случил во области од светот каде што се одгледува голема количина на храна, како што се делтите на Нил, а нема да бидат поштедени ниту градови како Лондон, Њујорк и Шангај.
За да ја истакне сериозноста на овие случувања, Бамбер ја спореди потенцијалната хуманитарна криза со мигрантската во Европа. Така, мигрантската криза предизвикана од војната во Сирија резултира со доаѓањето на околу еден милион бегалци во Европа, но зголемувањето на нивото на светските мориња за 2 метра би резултирало со околу 200 милиони луѓе без покрив над главата.
Авторите на студијата истакнуваат дека е крајно време да се избегне таквиот развој на настаните со драстично намалување на емисиите на стакленички гасови во атмосферата во наредните децении.
Истовремено, тие тврдат дека постои 5 отсто шанса да се оствари најцрниот дел од
сценариото, односно оној во кој нивото на морето би се зголемило за повеќе од 2 метра.