X
 06.05.2017 Живот

Хакирани мејловите на францускиот претседателски кандидат Емануел Макрон

макрон
Фото: Reuters

Штабот на францускиот претседателски кандидат Емануел Макрон вели дека тој е жртва на голем координиран хакерски напад, откако голем дел од мејловите од неговата кампања биле објавени онлајн, 24 часа пред гласачите да излезат и да го изберат својот претседател.

Политичкото движење на Макрон „En Marche!“ изјави дека илјадници мејлови биле објавени, меѓу кои и сметководствени и друг вид на документи, а нападот го осуди како обид за демократска дестабилизација, слична на онаа во текот на последните претседателски избори во Америка.

Околу 9 гигабајти податоци биле објавени од корисникот „EMLEAKS“ на веб страницата „Pastebin“ која нуди можност за споделување на анонимно објавени документи.

„Нашето движење е жртва на масовен и координиран напад оваа вечер“, велат од изборниот штаб и додаваат дека пред неколку недели биле украдени автентични документи кои подоцна биле измешани со лажни документи со цел да се предизвика сомнеж и дезинформации.

„Се чини како ова да е нов начин да се влијае врз политиката во другите земји“, вели Кенет Греј, пензиониран ФБИ специјален агент и предавач на Универзитетот Њу Хевн.

Веб страницата „WikiLeaks“ постави линк на „Twitter“ до документите, велејќи дека тие не се одговорни за нивното протекување.

Минатиот месец, истражувачка група за компјутерска безбедност „Trend Micro“ изјави дека руски хакери под името „Pawn Storm“ ја таргетирале кампањата на Макрон. Тие користеле фишинг техники за крадење на личните податоци на Макрон како и на членовите од неговата кампања.

Најновите анкети објавени вчера, велат дека независниот Макрон е во водство пред кандидатката на Национален фронт, Ле Пен.

Тимот на Макрон ја обвини Русија како виновник кој стои позади нападите.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот