Франција ќе нуди бесплатна контрацепција за сите жени до 25-годишна возраст од наредната година, изјавиле од министерството за здравство на земјата. Ќе се нудат и бесплатни лекарски прегледи за контрацепција од 1 јануари, пренесува „Јуроњуз“.
Францускиот министер за здравство Оливие Веран ги открил новите поволности во четвртокот. Досега сите контрацептивни методи беа бесплатни за девојки до 18-годишна возраст во Франција, а абортусот е бесплатен за сите жени и девојки.
Веран изјавил дека младите жени поретко користеле контрацепција во споредба со порано, најмногу од финансиски причини. Здравствениот систем покрива некои трошоци за контрола на бременоста, но не сите.
Фото: Pixabay
- Недопустливо е жените да не може да се заштитат, да не може да користат контрацепција доколку го направат тој избор, бидејќи би чинело премногу - изјавил министерот.
Новата мерка ќе ја чини владата околу 21 милион евра.
Моментално, контрацептивните методи се бесплатни во Обединетото Кралство, додека Шпанија нуди бесплатни пилули за контрола на бременоста и покрива некои трошоци за други форми на контрацепција.
Извор:
Euronews