X
 23.10.2023 Живот

На што троши најмногу време просечниот работник во текот на работната недела?

Истражување спроведено од „Слек“ даде интересни резултати за тоа што придонесува за неефикасност во текот на работното време.

Колку време поминувате дневно пишувајќи е-пораки? Поминатото време варира во зависност од видот на работа и позицијата, но едно неодамнешно истражување спроведено од „Слек“ покажува дека во текот на работната недела работникот во просек губи цел работен ден или нешто повеќе од 8 часа само во пишување е-пораки. Се чини дека и покрај многубројните алатки и услуги, е-поштата и понатаму е примарниот начин за деловна комуникација.

Истражувањето на „Слек“, спроведено на повеќе од 8.000 вработени во помали компании, покажало дека е-пораките, односно нивното пишување и постојаното проверување на сандачето влијае врз нивната продуктивност.

Дури половина од испитаниците сметаат дека тоа е една од причините што им отежнуваат да бидат успешни. Исто така, интересно е тоа што истражувањето покажало дека некои е-пораки вработените целосно ги игнорираат: дури шест е-пораки дневно и тоа врз основа на насловот, а некои не ги читаат оние што се подолги од осум реченици.

Речиси половина од нив пропуштаат некои е-пораки бидејќи завршуваат во фолдерот за спам, додека 44 отсто од испитаниците веруваат дека нивното сандаче е полно со неважни пораки. Така, голем број вработени, од одредена причина, без разлика дали ги игнорираат е-пораките, ги бришат или завршуваат во спам, пропуштаат некои важни деловни информации. Поради сето ова, 27 отсто од вработените сметаат дека електронската пошта е застарена форма на комуникација.

Што се однесува до бројот на напишани е-пораки, тој е речиси трицифрен во текот на една недела и вработените во просек пишуваат по 99 е-пораки неделно.

Диердре Бирн, шефица на одделот на „Слек“ за Велика Британија и Ирска, на интересен начин ја опиша електронската пошта: е-поштата е лебарката на интернетот, така што едноставно нема да умре. Врз основа на ова истражување, таа смета дека е-поштата едноставно повеќе не ја исполнува својата цел бидејќи вработените губат цел еден работен ден во неделата само во пишување е-пораки, кои понекогаш не се ни читаат.

Во такви случаи добро би дошла вештачката интелигенција која не само што би можела да состави е-пораки, туку и би можела да ги извлече најважните детали од примените е-пораки за примателите да бидат запознаени со целата содржина на е-пораките и да не мора да ги прочитаат.

Ова не е првпат „Слек“ да ја критикува електронската пошта. И претходно оваа компанија потенцираше дека вработените во компаниите треба да користат други, подобри и поефикасни начини на соработка и комуникација и, секако, подразбираат употреба на „Слек“.

Извор: Techspot.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот