Во раните утрински часови на плоштад Македонија во Скопје илјадници натпреварувачи и граѓани навестија прекрасен ден кој ќе го паметат со години. 13от Виз Ер Скопски маратон го стартуваа рекорден број на 8.500 учесници од 51 држава. И оваа година Виз Ер Скопски маратон успеа да се надмине себеси во поглед на организацијата и бројот на учесници.
За време на маратонот полека се раѓаше позитивна енергија, додека тркачите се подготвуваа на стартната линија. По самиот почеток на маратонот, полумаратонот, штафетниот маратон и трката од 5 километри безброј насмевки и радост во исчекување на уште еден натпреварувачки ден исполнет со забава и тимски дух го преплавија срцето на Скопје.
Оваа година како промотoрки на Виз Ер Скопскиот маратон трите сестри близначки од Естонија, Леила, Лина и Лили кои трчаа на маратонската трка на Олимписките игри во Рио, се дружеа со натпреварувачите за време на трките. Леила, Лина и Лили се феномен во спортот, посебно маратонското трчање, поради храброста и инспирацијата која ја вдахнуваат кај сите тркачи. Тие прв пат започнале со трчање на 24 годишна возраст и се првите три сестри во историјата кои некогаш учествувале на Олимписки игри. Од почетокот на нивната кариера сестрите отсекогаш тренирале заедно и претставуваат синоним за тимскиот дух кој постои помеѓу нив. Овој дух го воочија илјадниците натпреварувачи кои учествуваа на Виз Ер Скопскиот маратон.
„Секоја година ме преплавува неизмерна среќа поради тоа што на овој ден се зацврстуваат основните човекови вредности како истрајноста, упорноста и солидарноста. Воедно, денес сериозно ме израдува и бројноста на луѓето кои се појавија да ги охрабрат досега рекордниот број на 8.500 натпреварувачи. Секоја година оваа бројка се зголемува, но и бројот на волонтерите и на публиката, кои се еден од главните фактори за успешна организација и на кои упатувам искрена благодарност. Прекрасна е глетката кога на улиците на главниот град ве обзема звукот на чекорите и на воздишките на маратонците, кои итаат до целта. Тука се и извиците на среќа на сограѓаните кои ги бодрат маратонците. Посебни ни е драго што оваа позитивна енергија секој мај се шири низ Скопје и месеци однапред ги буди навиките за здрав живот, упорност и тимски дух. Низ годините ги следевме искуствата на останатите метрополи во кои се организира ваков спортски настан и затоа секоја година воведувавме иновативни решенија кои нè доближуваат до останатите поголеми маратони во светот.“, истакна Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопскиот маратон.
Оваа година на прво место маратонот го заврши Киротич Кируи со 02.12.59, втор беше Едвин Кипруто Кирва со 02.16.15 и третото место го зеде Самуел Кимутаи Киптум со 02.16.32. Во женската категорија прво место беше Стела Барсосио со 2.33.42, второ место Салина Јебет со 2.44.19 и трето место Гладис Бивот со 02.47.06.
Од македонските натпреварувачи во машка конкуренција најдобро пласиран беше Александар Кираџиев кој го освои 6то место со резултат од 02.41.38, а веднаш зад него се пласираа Кокан Ајановски со 02.51.06 и Игор Јакимовски со 02.53.05. Во женската категорија од македонските тркачки на маратонот најдобри беа Весна Кираџиева со 03.20.27, Биљана Кираџиева со 03.21.27 и Катерина Шиповиќ со 03.30.50.
На полумаратонската трка од 21 километар во машка конкуренција триумфираше Дарио Ивановски со 01.11.27, втор беше Атанас Анчевски со 01.14.10, а трет Милош Ранчиќ со 01.16.07. Во женска конкуренција заедно завршија трите близначки од Естонија Леила, Лина и Лили Лиук со исто време од 01.26.07.
Трката од 5км први ја завршија Богдан Цветковски, Илија Миленковиќ и Горан Мојаноски. Од женската категорија на оваа трка први три беа Марго Бојаџиев, Рената Соколовска и Нагме Бургуч.
Тринаесеттото издание на маратонот е под покровителство на Град Скопје, Мисијата на Европската Унија и Агенцијата за млади и спорт. Маратонот од 2007ма година е темелот на здравиот начин на живеење. Секоја година месеци пред Виз Ер Скопскиот маратон се повеќе и повеќе луѓе може да се видат на улиците на Скопје и на кејот на Вардар како се подготвуваат за самата трка.