X
 13.04.2023 Живот

10 лета неделно од Скопје до Франкфурт, три до Луксембург, Штутгарт, Салцбург и Љубљана: Падна договор со „Луфтханза“ и „Визер“

Со субвенции од Владата, германската авиокомпанија „Луфтханза“ ќе воведе една нова авиолинија - од Скопје до Франкфурт, а „Визер“ четири, - од Скопје до Луксембург, Штутгарт, Салцбург и до Љубљана.

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски на прес-конференција објавија дека е успешен повикот за субвенции за нови авиолинии што заврши на 31 март и оти е склучен договор со „Луфтханза“ и „Визер“.

„Луфтханза“ ќе лета од Скопје до Франкфурт од 23 април десет пати неделно, а „Визер“ за новите четири дестинации три пати неделно од 1 ноември годинава. Финансиската поддршка ќе изнесува седум евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје.

- Со „Луфтханза“ преку Франкфурт се поврзуваме со повеќе од 200 дестинации. Преку субвенционирање на авиолинии овозможуваме раст на економијата и на авиосообраќајот - рече Ковачевски на прес-конференција во Владата.

Бочварски потенцира дека се воведени нови дестинации за кои имало голем интерес од граѓаните.

- Има дополнителни средства да се објави нов повик кон крајот на годината со цел да се привлечат нови дестинации - најави Бочварски.

Министерството за транспорт и врски во својот буџет годинава има предвидено 1,1 милион евра за оваа намена, а вкупно пет милиони евра за тригодишната програма.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот