X
 08.03.2024 Наша тема

Ива Матиќ - прва жена пилот во Македонија: „На мажите и на жените не им требаат различни способности и квалитети за да станат успешни пилоти бидејќи критериумите се исти“

Од она што успеав да го постигнам се покажува дека овие родови стереотипи се неоправдани и неточни. Одлично сум прифатена од сите колеги, исто како и секој нов пилот во компанијата. Добив многу корисни совети од поискусните капетани и колеги, повеќето од нив во врска со некои технички финеси кои овозможуваат уште поудобен и поефикасен лет, споделува Ива Матиќ

Уште еден 8 Март да се потсетиме дека не постојат машки и женски професии, дека родовите и половите бариери сами можеме да ги поместиме и надминеме. 8 Март е Меѓународен ден жената, кога се одбележува борбата за економска, политичка и социјална еднаквост на жените. Секој ден, секоја година ја водиме нашата битка. Со упорна и неуморна женска сила успеваме да стигнеме поблиску до целта, но има уште многу сегменти во кои треба да се земат предвид интересите, потребите и приоритетите на жените. Има уште многу аспекти каде што позицијата на жената е на ниско, потчинето, занемарливо ниво. Да ги прославиме досегашните родови достигнувања, ама и да не заборавиме дека борбата не е завршена.

Во тој контекст споделуваме една инспиративна приказна за една жена која работи и се надградува во една „машка“ професија. Таа е позитивен пример дека нашите желби се остварливи, само треба да бидеме упорни за да ги реализираме. Ива Матиќ успеа да се позиционира високо на небото - и фигуративно и буквално. Таа е првата жена пилот што успеа да влезе во тој „машки свет“. Таа е доказ дека и жените можат да бидат пилоти и умешно да управуваат со авионите.




Како станавте првата жена пилот во Македонија? Што Ве инспирира да ја градите кариерата во воздухопловството?


- Сакав да бидам пилот откако паметам за себе. Можно е мојата инспирација да се појави кога првпат посетив аеромитинг со татко ми, кога бев многу мала, но како и да е, отсекогаш сум сакала возбудлива и предизвикувачка професија која не би ме држела затворена во канцеларија.
Патешествието не беше лесно бидејќи кога почнував, немаше многу вакви можности во Македонија. Но само што дипломирав на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, излезе повик од новиот Центар за обука на пилоти во АРМ за пилоти на хеликоптери. Аплицирав и по долг, напорен и ригорозен процес на селекција, бев одбрана во првата генерација на нови пилоти. Бев пилот на хеликоптер „Ми-17“ во АРМ пет години, а потоа се приклучив на „Визер“, добив дозвола за комерцијален пилот и оттогаш сум тука каде што сум.



Како пионер во Вашата област, со какви предизвици се соочивте во врска со родовите бариери во воздухопловната индустрија и како ги надминавте?


- Како пилот во авијацијата сум повеќе од 10 години и во тој период сум се соочила со различни такви ситуации и предизвици пред да се приклучам на „Визер“. Тоа беа разни коментари или поинакво однесување од страна на некои колеги и надредени, но никогаш не дозволив да ми влијаат и продолжив да си ја вршам работата на највисоко можно ниво. Од она што успеав да го постигнам се покажува дека овие родови стереотипи се неоправдани и неточни. Одлично сум прифатена од сите колеги, исто како и секој нов пилот во компанијата. Добив многу корисни совети од поискусните капетани и колеги, повеќето од нив во врска со некои технички финеси кои овозможуваат уште поудобен и поефикасен лет за сите.



Дали може да ни опишете незаборавен или предизвикувачки момент од Вашите рани денови како пилот и како тоа го обликува Вашиот пристап кон кариерата?


- Таков момент се случи на мојот прв лет со хеликоптер во 2013 во Македонија. Како дел од тој лет со инструктор, една од задачите беше да вежбаме маневар наречен „лебдење“ (hover). Тоа е многу предизвикувачки маневар и мораше да го направиме сами по еден обид. Не беше лесно да се држи хеликоптерот мирен поради ветровите. Можам да го споредам тоа со родео, на пример. Но ова искуство, како и многу други пред и по него, ме научи да не се откажувам. Светот на авијацијата е полн со нови работи и нови предизвици секој ден, и најважно е човек од нив да учи и да се подобрува и усовршува и како пилот и како личност.



На кој начин може воздухопловната индустрија да поттикне повеќе жени да се занимаваат со оваа професија? Што е потребно за да се промовира полова разновидност?


- Би била пресреќна ако авијацијата промовира еднакви можности и охрабрува повеќе жени да се обидат и да си ги следат соништата станувајќи пилоти. Конкретно, „Визер“ веќе го прави тоа преку програмата „She can fly” на својата пилотска академија, чија цел е да го зголеми бројот на жени пилоти – моменталниот процент е 5 отсто на глобално ниво, а компанијата цели на 7 отсто, што се надевам дека ќе е само почеток.



Како прва жена пилот во Македонија, чувствувате ли одговорност или гордост да бидете пример за другите жени заинтересирани за авијација? Како ја прифаќате оваа улога?

- Се разбира, да се биде првата жена пилот од Македонија е извор на гордост и чувство на достигнување. Често ми пристапуваат девојки и жени заинтересирани за авијација и заинтересирани да станат пилоти, и таа моја улога сесрдно ја прифаќам. Секогаш сум отворена да помогнам, да дадам совет и да ги охрабрам што е можно повеќе, надевајќи се дека и тие ќе го прават тоа кога ќе се најдат во истата позиција.

Кои вештини и квалитети мислите дека се неопходни за успешна кариера во воздухопловството, особено за жените?


- Не е лесно да се успее во авијацијата бидејќи се потребни многу труд, посветеност и многу жртви. Но на мажите и на жените не им требаат различни способности и квалитети за да станат успешни пилоти бидејќи критериумите се исти за кој било пол: мотивираност, посветеност, способност за добра тимска работа, комуникативност, око за детали, лидерски способности, приспособливост, смиреност, способност за мултитаскинг...



Како еволуира перцепцијата за женските пилоти во текот на Вашата кариера и дали мислите дека има уште работа во однос на родовата еднаквост во воздухопловната индустрија?

- Од моја гледна точка, перцепцијата за жените пилоти станува сѐ попозитивна и тие се сѐ подобредојдени. Бројот на жени пилоти дефинитивно се зголемува, но се разбира дека сѐ уште има што да се направи за да се достигне бројот на мажи пилоти. Што се однесува до еднаквоста на половите, моето искуство во комерцијалната авијација е дека ова повеќе не е проблем како што бил претходно.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема