Институтот за социјална работа и социјална политика заедно со Асоцијацијата на студенти по социјална работа се домаќини на овогодинешниот регионален конгрес на студенти по социјална работа.
Регионалниот конгрес на студенти по социјална работа (#RKSSR) е меѓународен настан на кој земаат учество студенти по социјална работа и социјална политика, од 8 универзитети во регионот. Конгресот традиционално се одржува веќе 4 години, а предвидено е оваа година Скопје да биде град – домаќин. На когресот земаат учество студенти од следните градови: Скопје, Белград, Подгорица, Бања Лука, Мостар, Сараево, Загреб и Љубљана.
Настанот е во траење од 4 дена во период од 11.05-14.05.2017 година.
Секој универзитет го претставуваат 6 студенти кои ќе имаат свое излагање на 3 теми од областа на социјалната работа и социјалната политика. Како домаќини на овогодинешниот конгрес, избравме три актуелни теми и тоа:
- Предизвици со кои се соочува социјалниот работник во работа со маргинализирани групи
- Социјалната работа во контекст на заштита на деца од злоупотреба
- Учество на младите во креирање на социјални политики
Конгресот ќе се оддржи во просториите на Филозофскиот факултет – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Истиот ќе биде медиумски покриен од повеќе телевизии и интернет портали.
КОИ СЕ ЦЕЛИТЕ НА КОНГРЕСОТ?
• Компарација на состојбите помеѓу земјите во регионот, како на социјалните проблеми, така и во практитките и политиките на социјалната работа и политика за справување
• Размена на искуства помеѓу студентите на меѓународно ниво
• Развивање на меѓународната соработка
• Проширување на знаењата во одредени домени од социјалната работа и политика
• Можност за дебатирање, критика и предлог мерки за решавање на актуелни социјални проблеми
• Промоција на социјалната работа како професија и подобрување на статусот на социјалниот работник во општеството