X
 12.05.2017 Технологија

Вештачка интелигенција ќе одлучува за затворските казни


Затворска ќелија
(Фото: Thinkstock)

Откако ќе се случат големи трагедии каде злосторствата ги вршат лица со дебели казнени досиеја, често се прашуваме каде системот „откажал“ и кој е виновен зошто опасниот злосторник не бил зад решетки.

За да можат што попрецизно да донесат одлука за притворање или пуштање на осомничениот на слобода, полицијата од англискиот град  Дарам наскоро ќе добие интересна помош – вештачка интелигенција.

Тестирањето на системот наречен ХАРТ (Harm Assessment Risk Tool) почна во 2013 година, а системот користи податоци од полициската база од 2008 до 2012 година, и врз таа основа го проценува ризикот за пуштање на осомничениот на слобода.

Врз база на досегашните досиеја, како и некои дополнителни податоци, како пол и место на живеење, ХАРТ проценува колкав е ризикот осомничениот повторно да направи кривично дело – висок, среден или низок, а за време на тестирањето, овој алгоритам не влијаел врз конечната полициска одлука.  Проценките што ги носел ХАРТ биле следени во наредните две години, и се покажало дека системот бил во право во 98% кога проценувал дека постои мал ризик осомничениот да го повтори казненото дело, додека во ситуациите кога проценувал висок ризик бил во право во 88 проценти од случаите.

После тестирачкиот период, полицијата во Дарам наскоро ќе почне да го применува овој систем и во реално време, односно вештачката интелигенција ќе им помага на полицајците при носењето одлуки дали осомничениот ќе добие притвор или ќе биде пуштен на слобода со определена кауција.

Еден од сериозните проблеми на ХАРТ кој набрзо треба да се реши, е фактот дека системот има пристап само до датотеката на дарамската полиција, а не и до националната база на податоци.

Сепак, ова е само првиот чекор од користењето на вештачката интелигенција при проценувањето на ризичноста на осомничените за криминал, а Хелен Рајан, од правниот факултет во Винчестер, верува дека доколку на компјутерите им се дадат сите достапни податоци, тие имаат потенцијал да носат поправилни одлуки во однос на луѓето.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија