X
 08.12.2024 Живот

Како овој литвански затвор со темно минато стана центар на уметноста и фестивалите

Во срцето на Вилнус, Литванија, затворот „Лукишкеш“ стои како остар потсетник на ужасното минато на земјата. Местото некогаш било дом на римокатолички манастир преобразен во мал затвор во 1837 година.

Поради пренатрупаноста и влошените услови, затворот бил редизајниран во модерен казено-поправен дом со високо обезбедување, и повторно бил отворен во 1904 година.

Оваа тврдина сведочи за некои од најмрачните историски моменти во Источна Европа, како што е затворањето на политичките дисиденти, кои се судрија со промената на политичките режими - од руски цареви до советски власти.

Оттогаш, затворот претрпел трансформација незамислива за неговите поранешни станари. Денес, познат како „Затвор Лукишкеш 2.0“, тој е епицентар на културата и креативноста - место каде што се одржуваат неверојатни настани, уметнички инсталации и музички фестивали.

Во 2022 година озлогласениот затвор се најде во центарот на вниманието кога стана локација за снимање на четвртата сезона на серијата „Почудни нешта“.

Пред неговото појавување на „Нетфликс“, приказната за затворот започна за време на владеењето на Руската Империја.

Царските власти го изградиле затворот за да го задушат отпорот во Вилнус, познат по својата културна и политичка различност. Тоа било раскрсница на политичките империи и прераснало во место каде што Литванците, Полјаците, Белорусите, Русите и Евреите коегзистирале. Ова безбедно засолниште на различни етникуми, јазици, религии и политички идеологии, на крајот се побунило против руската власт.

Во почетокот на 20 век затворот бил мрачен дом за политичките неистомисленици и криминалци, па имал репутација на страшно место каде што се случувале мачења, силувања и убиства.

Пред електронската ера (40-тите години), чуварите внимателно ги чувале затворениците, а неговите високи ѕидови и распоредот како лавиринт го правеле бегството речиси невозможно.

zatvor
Затворот за време на војната/Фото: Wikipedia

До моментот кога Советскиот Сојуз ја презел власта во 1940 година, затворот веќе имал репутација на озлогласено место. Под власта на Сталин затворот станал уште понатрупан бидејќи илјадници Литванци, националисти, интелектуалци и оние што одбивале да се согласат со советската идеологија биле уапсени и затворени тука.

За време на нацистичката окупација на Литванија, Гестапо го користел затворот за да смести илјадници Евреи и членови на полскиот отпор пред да бидат преместени во Понари (на периферијата на Вилнус), каде што биле егзекутирани за време на Втората светска војна.

Нова ера и неверојатна трансформација

„Лукишкеш“ ја продолжил својата функција како затвор со висок степен на обезбедување до неговото затворање во 2019 година, кога Литванија веќе била длабоко навлезена во својата независност од Советскиот Сојуз.

Но, наместо да го урне овој мрачен споменик, Литванија избрала поинаков пат. Препознавајќи ги историското значење и уникатната структура на затворот, градските планери и политичари видоа можност да вдахнат нов живот во неговите празни сали. Идејата беше радикална, но едноставна: зошто ова место, некогаш симбол на угнетување, да не се претвори во простор за креативност и самоизразување?

При посета на напуштениот затвор гостите можат да ги истражуваат лавиринтските блокови на ќелиите и да го почувствуваат студот на историјата во воздухот. Водичите (некои поранешни затворски чувари) ги водат посетителите низ темни ходници и низи од ќелии со решетки-прозорци - секоја со остар, ограничен простор едвај доволно широк за едноставен кревет и мало биро.

Некои ќелии се оставени недопрени, но гостите што одат на турнеја имаат можност да видат соба за самоубиство, што покажува како изгледало откако затвореник си го одзел животот - што не е невообичаена појава во овој дом на ужаси и психички мачења. За време на една турнеја, затворските водичи опишуваат како изолацијата била користена како форма на казна.

Фестивали и уметност во опседнато место


Во 2021 година „Лукишкеш“ повторно ги отвори вратите, но овој пат како културно место. Денес, поранешниот затвор е домаќин на широк спектар на настани, од уметнички изложби до музички изведби во живо.

Комплексот, кој се простира на речиси 200.000 квадратни метри, моментално е дом на над 550 уметници, кои работат во различни креативни дисциплини, вклучувајќи музика, визуелни уметности, дизајн, танц, филм и ракотворби.

Извор: National Geographic
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот