Да се усреќи матурант кој нема да си плати за дотерување за матурската вечер и годинава беше задача, но и задоволство на многу хумани граѓани. Тие подаруваа убави чевли, фустани или костуми, накит, а некои ќе се погрижат и за шминката и фризурата на девојките. Донации за матуранти се собираат и по групи на социјалните мрежи и преку невладини организации. Интересот за донирање од година в година се повеќе расте.
Граѓаните издвојуваат од времето и од она што го имаат за да му олеснат на некој матурант, а донираат и фирми, здруженија и организации.
Се внимава на анонимноста
Елена Н. Цветковиќ се занимава со шминкање. Таа ќе нашминка матурантки кои учат во училиште за ученици со посебни потреби.
- Добро се сеќавам на мојата еуфорија и позитивна возбуда за матурската вечер. Сакам да придонесам девојчиња да се чувствуваат посебно, да не се грижат за таа вечер – вели Елена.
Маргарета Куртиќ, пак, учествува во организација на акциите за донација. Да се обидеш да изненадиш некого, вели таа, да го израдуваш кога најмалку очекува и се надева е прекрасно чуство.
- Чувството е уште поубаво кога станува збор за млади луѓе кои сакат да изгледат убаво на својата матурска вечер, но финансиите не им го дозволуваат тоа. Радува фактот што од година во година се повеќе луѓе се вклучуваат во донирање- вели Маргарета.
Многумина од нас имаат парче облека кое само еднаш го користеле и може да ја подарат некому.
- Радува фактот што во акциите се вклучија голем број на бутици кои се понудија и донираа фустани по избор на матуранките. Се јавија и голем број на фризерски салони, студија за маникир и педикир. Радува тоа што се зголемува општествената свест за овој вид на донирање – вели таа.
Покрај обезбедувањето донација, важно е таа да стаса во вистински раце и онаму каде навистина е потребно. Маргарета добила многу пораки, на кои, како што вели, човек не може да остане рамнодушен, но многу се внимавало на тоа да се сочува анонимоста.
- Овој пат јас бев и во потрага на матурантики кои не се јавуваа сами, поради скромност или срам. Точно е дека имаше бутици кои не одговорија на повикот за донирање и не вратија на пораките за тоа дали би сакале да споделат среќа, но радува фактот што нивниот број не беше голем. Донаторите сами се јавуваа и сами објавуваа дека сакат да израдуваат некого– додава.
Голем интерес
Донации за матуранти собираше и здружението за хумано-општествен развој „Проект среќа“. Акцијата „Среќно матуранти“ на ова здружение поминала исклучително успешно, а бројот на баратели, донатори и волонтери достигнал бројка од 400.
- Економската ситуација во последните години не е добра, а матурата е значаен настан за учениците. Оттаму и идејата за вакви акции. Ако минатата година помогнавме на 93 матуранти, полуматуранти и апсолвенти од социјално загрозени семејства, годинава нивната бројка е 120. „Проект среќа“ помогна на сите кои побараа помош - вели Кристина Арнаудова, основачка и претседателка на здружението.
Годинава имало повеќе пријави за донации од баратели.
- Излеговме во пресрет и на децата од СОС детско село, како и на матуранти и полуматуранти од домот за деца без родители „11 Октомври“ - вели Арнаудова.
Здружението објави дека се што ќе остане од донациите ќе биде подарено на самохрани мајки.
Н.Ф.