X
 03.11.2020 Образование

Што сѐ може да направат матурантите за проектната задача според новата можност?

Од досегашното искуство, учениците процентуално повеќе избираа теми кои веќе ги работеле на редовните часови и пишуваа текст за тоа. Поретко избираа теми и содржини што се надвор од наставните програми

Оваа учебна година, освен досегашните модели на проектни задачи, матурантите ќе можат да изберат проектна задача во форма на реален личен проект, творба или настан. Ова е новина која ја најави Министерството за образование и наука (МОН), а согласно која матурантите во рамките на полагањето државна матура ќе можат да сработат нешто што е во нивен домен, нешто што сакаат да го прават, а крајната цел е да бидат креативни и критични, активни и да направат нешто корисно за заедницата, како и да го прикажат својот младински активизам.

Професорката Љупка Боцевска, која предава македонски јазик и литература во гимназијата „Орце Николов“, за Факултети.мк објаснува дека во рамките на матурата си остануваат предметите што се полагаа и претходно, со тоа што оваа година, поради ситуацијата со пандемијата, тие ќе се полагаат по скратена наставна програма, а ќе има уште два нови изборни предмети.

- Досега проектната задача изгледаше како семинарска работа, се пишуваше текст на десетина страници на кои дополнително можеше да има фотографии, графикони, табели. По правило, темата треба ученикот самоиницијативно да ја одбере, да биде нешто што сака да го истражува, анализира, презентира. Од досегашното искуство, учениците процентуално повеќе избираа теми кои веќе ги работеле на редовните часови, а поретко теми и содржини што се надвор од наставните програми. На учениците им остававме слобода самите да изберат за што ќе пишуваат бидејќи според критериумите за оценување на проектните задачи, токму тоа им носи повеќе бодови - вели Боцевска.

Ќе се избегнат копии, ќе се истакнат креативноста и творењето


Според нејзиното искуство, досега ретко се случувало по предметот мајчин јазик како проектна задача некој ученик да избере дело кое е надвор од наставната програма.

- На пример, имавме ученичка која избра да прави споредба на романите „Папокот на светот“ и „Вештица“, чиј автор е Венко Андоновски, а кој не е во наставната програма, иако според мене треба да биде. Друга ученичка, пак, пишуваше проектна задача за делата на Гијом Мисо и тоа всушност е целта на проектните задачи, учениците да презентираат нешто што е предмет на интерес во нивното слободно време. Мислам дека со новиот модел на проектни задачи токму тој дел може да дојде до израз, учениците ќе можат да презентираат различни воннаставни активности во кои учествуваат и кои не можат да бидат копии како што беше примерот со досегашните проектни задачи - додава професорката.



Факултетите да бидат пофлексибилни


Како што појаснува Боцевска, ќе биде потребно и факултетите да бидат поотворени и пофлексибилни во бодирањето на проектните задачи, особено ако некои од учениците изберат некој од новите модели на изработка на проектна задача.

- На пример, Медицински факултет преферираше учениците кои конкурираат на овој факултет да имаат проектни задачи по предметите биологија или хемија како дел од државната матура. Освен што ги гледаа перцентилните ранкови од испитите од државната матура, и проектната задача носеше поени, за да може да се направи селекција. Овој пат, на пример, факултетите би можеле да бодираат повеќе ако некој ученик направи некаква активност со Црвен крст, ако направи некоја хуманитарна акција или ако направи некое истражување, блог, предавање поврзано со Ковид-19, на пример - додава таа.

Секој ученик треба да направи акциски план за проектот

На веб-страницата на Државниот испитен центар има документ во кој се објаснети моделите на проектни задачи. За да сработи проектна задача според новиот модел, ученикот треба да изработи акциски план за проектот, треба да има планирани активности, да наведе која е неговата улога во тие активности, кои ресурси ќе ги користи, какви просторни можности ќе употреби.

Треба да приложи материјални докази како фотографии, видеа, да презентира ако се работи за сопствен блог или веб-страница. Ако реши да направи некаква хуманитарна акција, треба да опише како дошол до идејата, колку време се подготвувал, кои ресурси ги употребил, како ја промовирал таа акција, каде и како ја спровел таа акција, кој и каков е исходот од таа акција.

До крајот на месецов е рокот за пријавување тема

Министерството за образование и наука ги извести срeдношколците од четврта година, најдоцна до 30 ноември годинава да пријават тема за изработка на матурска проектна задача. Пријавувањето треба да го направат во своите училишта.

„МОН ги информира матурантите дека од годинава, покрај стариот модел на реализација на проектната задача се воведуваат и нови можности за реализација на истата. Новата можност за реализација на проектната задача е базирана на интересите на учениците и на глобалните трендови во образованието, културата и социјалниот живот на младите. Овие проектни задачи овозможуваат разновидност во пристапот и создавање модели кои ќе го поттикнат креативниот потенцијал на матурантите и нивното критичко размислување за темите од современото живеење“, соопштија оттаму.

Во процесот на реализација на проектната задача матурантите имаат можност да создадат своја идеја во форма на младинска иницијатива која ќе предизвика некаква промена во заедницата (волонтерски активности, еко-акции, обуки за стекнување одредени вештини, хуманитарни активности и помош и поддршка на ранливи социјални групи). Потоа, проектот може да е дигитална едукативна и социјална платформи (електронски весник или тематски профил) кои обработуваат креативни и образовни содржини од областа на јазикот, културата, науката, уметноста, медиумите/ влијанието на социјалните мрежи, општеството, граѓанското однесување во општествената заедница.

Матурантот може да избере да направи и видеоматеријал, односно краток филм, новинарска сторија на одредена тема со цел промоција на позитивни вредности. Може да се изработи и уметничка или сценска изведба (драма, литературно читање, ораторска вечер, изложба, мултимедијален настан).
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование